Премиерот Мицкоски во зафат за реконструкција на владиниот состав
- Премиерот Мицкоски го соопшти предлог-составот на неговиот нов кабинет, кој се очекува до утре да биде испратен до Собранието, за новиот владин состав да биде избран до средината на месецов
За зголемување на ефикасноста и за спроведување на приоритетните реформи по две години од преземањето на власта, премиерот Христијан Мицкоски ќе направи „клучни промени на секторите здравство, правда и локална самоуправа“ во контекст на најавената реконструкција на Владата. Промените вклучуваат прераспределба на ресори меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, како и вклучување на Демократската партија на Турците во извршната власт.
Премиерот Мицкоски завчера, по седницата на Извршниот комитет на неговата партија, го соопшти предлог-составот на неговиот нов кабинет, кој се очекува до утре да биде испратен до Собранието, за новиот владин состав да биде избран до средината на месецов.
– Оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години од работата на оваа влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – изјави премиерот Мицкоски, додавајќи дека обврска на секој член на Владата ќе бидат „темпо, дисциплина и резултати“, кои се очекувани од граѓаните.
Во согласност со промените, нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, кој сега е на функцијата министер за локална самоуправа. Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашен заемник-министер во истото министерство. Ова се два нови ресора со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист. Нема да има вицепремиер за добро владеење и тој ресор ќе биде под ингеренции на кабинетот на премиерот.
Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.
Од ВМРО-ДПМНЕ во Владата остануваат министерката за образование и наука Весна Јаневска, Панче Тошковски за внатрешни работи, Владо Мисајловски за одбрана, Борко Ристовски за спорт, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Вреди ги презема министерствата за правда, за култура и туризам и за односи меѓу заедниците, а ѝ остануваат и секторите за животна средина, европски прашања и економија и труд.
ЗНАМ го презема Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со што нивен партиски предлог за министер е досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски. Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација. П.Р.
Ќе се проверуваа т цените на 600-700 производиод потрошувачката кошничка
Пазарниот инспекторат спроведува детална анализа на 74 групи, односно околу 600-700 производи од потрошувачката кошничка, при што ќе се следат цените низ целиот синџир – од производителот до трговецот, информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, додавајќи дека се очекува извештајот да биде готов за околу еден месец.
Анализата треба да покаже дали има неоправдано високи маржи и каде е потребна интервенција. Министерот Дурмиши порача дека Владата повторно ќе ги искористи законските механизми за заштита на животниот стандард на граѓаните, доколку има потреба.
Министерот најави дека неделава ќе се одржи состанок со производителите и дистрибутерите за можностите за намалување на цените на основните прехранбени производи, по минатонеделните разговори со трговците. На претходна средба на Владата со најголемите трговски синџири беше поставена цел годишната инфлација кај основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Е.Р.
Воведен привремен летен режим на сообраќајот на државните патишта
Од вчера на државните патишта во Македонија беше воведен привремен летен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Режимот ќе биде во сила до 31 август.
Термините се: петок од 17 до 22 часот, сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот. АМСМ информира дека во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерството зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во периодот од 11 до 17 часот. На магистралниот пат А2 делница: Скопје–Охрид–Скопје (со важност до 1 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во интервалите: петок од 15 до 22 часот; сабота од 7 до 12 часот и од 18 до полноќ и недела од 7 до 22 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила што вршат превоз за компании што имаат склучено договори за изведување проекти на државните патишта со ЈП за државни патишта.
Овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото за избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите. Н.М.

































