Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев најави дека партијата ќе поднесе 3.500 амандмани на предложените измени и дополнувања на Изборниот законик, по скратена постапка. Како што изјави, амандманите веќе се архивираат во собраниската архива, пренесе МИА.

Апасиев оцени дека Левица е единствената партија што е оштетена доколку остане во сила актуелниот Изборен законик, посочувајќи дека причината е начинот на државно финансирање на политичките партии.

-Онаму каде што се запна е електронското гласање, за кое СДСМ не попушта. Целиот процес, кој СДСМ прво го бојкотираше, а сега ќе го блокира со амандмани, ни дава индиции дека станува збор за договор меѓу двете најголеми партии повторно Левица да остане без државно финансирање. Во ваков статус единствен губитник е Левица, бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација – изјави Апасиев.

Во однос на електронското гласање на дијаспората, тој рече дека предложениот модел е заснован на француското решение, но смета дека не е применлив во македонски услови.

-Франција има околу три проценти дијаспора од вкупното население, додека кај нас таа е околу 33 проценти. Тоа значи дека моделот е десет пати потежок за примена и затоа е неприфатлив. Ние бевме подготвени да разговараме само за негова експериментална примена на претседателските избори, бидејќи тие имаат цензус. Тоа беа нашите црвени линии, но договор не беше постигнат – рече Апасиев.

Тој оцени дека инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронско гласање претставува „чист каприц“ со цел да се минираат преговорите за Изборниот законик и повтори дека, според него, најоштетена од ваквиот исход е Левица.

Апасиев додаде дека очекува на 8 јули Уставниот суд да ја поништи спорната законска одредба, по што, како што рече, ќе биде неопходно повторно законски да се уреди тоа прашање.