Насловот на нашата денешна колумна, јасно ти изгледа драг читателу, е депресивен. Па и е. Антрополозите за танатосниот нагон кај големите и посилните да ги понижуваат и ништат помалите и послабите говорат и за експериментална смрт, но, како што би рекол Маркиз де Сад, и за смрт од некој вид на естетска наслада и перверзија. Сето тоа, пак, генијално е формулирано во една дијагностичка синтагма за цивилизацијата што убива кај францускиот парусовски поет, големата инспирација и на Бодлер, Теофил Готје. А таа славна синтагма гласи: „Поарно варварство отколку досада“. Бодлер дополнително таа декадентна досада на богатиот колонизаторски Запад ја изрази во неговата книга песни во проза „Сплинот на Париз“ како своевиден рефрен на неговите „Цвеќиња на злото“.
И Македонците, драг читателу, ја имаат почувствувано на своја кожа дефиницијата на Готје, на варварството на неговата цивилизација во екстранарцистичко либидо како еден вид катарза на нивниот декадентизам во кој царува досадата по натрупаните богатства од колонизаторскиот грабеж низ светот. Тоа е присутно посебно, еве повеќе од едно столетие, почнувајќи од Букурешт 1913 до денес, а крајот на таа агонија на „смачканото племе“ (Конески) сѐ уште не се гледа. Долго трае експерименталната смрт кон Македонците на оваа сурова цивилизација што го има наследено жестокиот менталитет на Римската Империја, па во Македонија по тој образец го изгради новиот римски колосеум во кој робовите (во контекстот Македонците) се фрлаат во устата на ѕверовите. Во морбидниот менгелеовски experimentum macedonicum за смртта на Македонците цивилизацијата ги користи двата познати методи на тој план: биолошкиот и идентитетскиот. Првиот означува физичко, а другиот мемориско ништење. А како што знаеш, драг читателу, за тоа јас и ти досега имаме испишано во пет тома околу 3.000, ако не и нешто повеќе страници, но уште не сме завршиле, бидејќи и на македонската трагедија ѝ нема крај. Итн.
Но сега, пред да поминеме на засега најновиот гибелен цивилизациски експеримент за помор на Македонците и македонизмот како блескав културно-цивилизациски факт Преспанскиот смртоносен договор, малку да го допреме славниот, но кон нас перверзен француски правник Робер Бадинтер и неговиот таканаречен Бадинтеров закон што ни го стокми убаво, како што го стокми некогаш дамна Брут ножот за Цезар. Целосно држи аналогијата. Тоа е како што знаеме par exsellens апартхејден закон по однос на Македонците, кој го фаворизира малцинството (албанското на кое му угодува) над мнозинството, демосот како носител на суверенитетот и демократијата уште од антички времиња. Па, ако навистина е добар тој закон како што мисли францускиот правен експерт, чудно е што него тој не го зготви и за Арапите во неговата земја. Туку, за волја на вистината, таков генијално перверзен закон нема ни во Африка, а ни меѓу племињата во амазонската прашума. Добро, ама кај нас за него молчат сите, и политичарите и правните експерти. Јас се сеќавам само на еден умен лекар и чесен родољуб Драган Поповски, кој објави една сјајна анализа за неговата апсурдност на страниците на „Нова Македонија“. И толку, ако не се лажам.
Да. Па, ете сега од него бега и како мачка околу врело млеко околу него врти и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски (во интервјуто со Христо Ивановски за „Нова Македонија“, 28‒31 мај 1926). На прашањето на новинарот, а по повод барањето за можност за полагање правосуден испит на малцинствата (Албанците): „Можно ли е еден ден повторно, заради политиката, да се разбудиме сите, заедно со вас, и во Уставниот суд да видиме како се одлучува според Бадинтер?“, Костадиновски одговара: „Како ќе се разбудиме утре зависи од тоа како ќе ни ја скројат државата оние што денес носат одлуки во име на граѓаните. Ако јас се прашувам, тоа би било погрешна одлука, одлучувањето по Бадинтер е алатка за политички органи како Собранието, а не за Уставниот суд или на пример Судскиот совет“. Итн.
За мене шокантно. Значи ни Уставниот суд не го тангира Бадинтер бидејќи тоа е демек алатка на политиката и толку, завршена работа. А баш ни е гајле, заседнати во удобни политички и судски фотелји, дека имено со Бадинтер Албанците улиците на нашите херои ги заменија до една со имиња на балисти. А тоа, другар Костадиновски, значи исто така вклучување сега на мала, а потоа на голема врата во проектот за идентитетски геноцид на Македонците. Тоа е моето мислење. И јас како простодушниот народ сум аматер по однос на правото, но не и по однос на Правдата, што се различни поими и суштини, ама тоа за жал кај нас не го разбираат ни политичарите ни високите „експерти“ од високите правни институции. Така, и токму затоа во нашиот судски систем во кој веруваат само 2 отсто од граѓаните (самите судии и политичари), кои честопати, некои од нив, како Јозеф К. од „Процес“ на Кафка се невино осудени и скитаат безнадежно во судските ходници, а криминалците се на слобода надвор во нашиот правосуден рај. Така е тоа, а претседателот на Уставниот суд со пилатовско миење на рацете (со пешкирот на политиката), тука во таа смисла го цитира и Бадинтер: „Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со сите привилегии и предности, наместо да создаде заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што всушност треба да се надмине“.
„Ете така, парадоксално, и Бадинтер му ја олеснува мислата на претседателот на Уставниот суд. Бадинтер кој во случајот како психоаналитичар анализира и влегува во саморефлексија правејќи нè Македонците безмалку глупави и недоветни. И тоа се вика француска перверзија. Па зарем тој светски правен експерт не го знаел тоа кога го создавал својот франкенштајновски закон. А по него, како што знаеме, ни дојде уште еден француски Бадинтер за да стави печат на француската морална политичка и правна перверзија кон Македонците Емануел Макрон со неговата „француска рамка“ за дополнителна наша идентитетска смрт, по онаа од Грците, сега од Бугарите. А и едните и другите, па и третите се само алатки на цивилизацијата од Брисел за идентитетско ништење, но и физичко потиснување на Македонците.
Така. Ама за жал, драг читателу, како што гледаш и знаеш нашите политички, судски и интелектуални универзитетски, академски и други фотелјаши немаат гајле за македонистиката, што е и нивна поморија. Напротив. Од многумина од нив слушаме, пред сè кога станува збор за Преспанскиот смртоносен договор, дека е тоа реалност. Политичарите обично, а како алиби (Пилатов синдром) ја употребуваат сложенката „наследена реалност“, и така се амнестираат и безгрижно, но не и безгрешно, владеат и едните и другите, и позицијата и опозицијата на двете големи македонски партии, менувајќи се и царувајќи со народот. А Крлежа рече дека и глупоста е метафизичка ствар, ама тие не ја разликуваат глупоста од мудроста, ни правото од правдата. И така натаму, а простодушниот чесен и родољубив народ изгледа единствено длабоко ја страда идентитетската катастрофа со Преспанскиот договор за кој една персона од високите политешалони шокантно рече без око да ѝ трепне: „Договорите со Бугарија и Грција важат и ние треба да ги спроведуваме“. Тие се како што вели таа персона реалност, и точка. Метафизика, „ствар по себе“ како што би рекол Кант.
Добро. Сепак фактите на Преспанскиот договор, кој е по однос на идентитетот мртовечки ковчег за Македонците, зборуваат нешто друго, па ние од Македонски манифест седнавме уште еднаш да ѕирнеме во тој ковчег и мртовецот спружен во него од цивилизацијата и нејзиниот балкански предатор Грција. И еве само накусо што откривме.
Во преамбулата стои: „Договорот е заклучен помеѓу Грчката република (прва страна) и Втората страна, која беше примена во ООН согласно Резолуција 47/225 на Генералното собрание на ООН од 08.04.1593“. Еве.
За разлика од Грците, ние во преамбулата сме безимени (Втора страна). Потоа: лага е дека сме примени во ООН 1993 бидејќи сме членка таму од 1945 како едни од основачите. Со овој срамен чин ни се негира државноста од 1944 до 1993. Со договорот ни се наметнува ново име по мера на соседите и ЕУ (чл. 1.3а). Не ни се признава македонска националност, туку само државјанство (чл. 1.3б). Од надвор ни се диктира видот и содржината на регистарските таблички за возила (чл. 1.3е). Придавката македонски ни се брише од сите јавни институции (чл. 1.3ф). Ни се забранува грижа за македонското малцинство во соседството (чл. 4.3). Забрането ни е користење на македонскиот симбол сонцето од Кутлеш (чл. 8.3).
Договорот продолжува со притисокот за докрај идентитетска смрт на Македонците, па предвидува и заеднички комитет што ќе прегледува и евидентира учебни помагала (чл. 8.5). А убедливо најконтроверзен и погубен е чл. 7 од Преспанскиот во кој во чл. 7.2 читаме: „Термините Македонија и македонски се однесуваат на различен историски контекст и историско наследство“. Потоа во чл. 7.2 читам: „За Првата страна термините Македонија и македонски ја означуваат областа и луѓето во северниот дел на Грција, но и нивните особини, хеленската цивилизација, историја, култура и наследство од антиката до денес“. Во чл. 7.3 и 4 читаме: „Кога се однесува за Втората страна термините Македонија и македонски ги означуваат нивната територија, јазик, луѓе и нивните особености со нивната историја ‒ македонскиот е во групата на јужнословенските јазици и не може да се поврзува со античката цивилизација, историја, култура и наследство“.
Овие одредби се граничат само со перверзија, бидејќи испаѓа дека постојат два вида на Македонци: оние во северна Грција со хеленска цивилизација и оние кај нас со засебна култура, историја и јазик различни од своите браќа во Грција. Според сето тоа испаѓа и дека постојат два македонски јазици. Оној на Македонците од северна Грција и оној кај нас, кој не е хеленски. Што значи Македонците во Грција се со непрекинат хеленски континуитет од антиката до денес, а за нас тукашните Македонци во договорот полн со македонска идентитетска смрт не се кажува ниту од кога сме Македонци, ниту до кога ќе бидеме. Очигледно тоа е оставено да ни го кажат Бугарите, кои се изјаснија за тоа, дека сме „идентитет“ на Тито и Коминтерната.
Ете, тоа е тоа, драг читателу. Цела шума од смртоносни по Македонците параграфи. „Човекот чекори низ шума од симболи“, вели Бодлер, и таа негова синтагма е мото на европскиот симболизам. Но гледаме сега каква е синтагмата на бриселовашингтонскиот симболизам за Македонците престорен во хиперреализам. Бодлеровата симболистичка синтагма пренесена на македонска судбинска почва не би можела сега посебно по Преспанскиот договор (иако тоа важи од 1913 наваму до денес) поинаку да гласи освен: „Македонците чекорат низ шума од идентитетска смрт“.
А тоа е, како што веќе знаеш, драг читателу, најстрашната од сите видови на смрт. Барем така велат антрополозите, а ние неа ја имаме доживеано и ја доживуваме на сопствената кожа. Да. Но со една крупна ремарка. Тоа важи за тие што имаат кожа и душа, а не за бескожните и бездушните, квислинзите и велепредавниците какви што се Заев и Димитров, кои официјално го ставија потписот на македонската идентитетска смрт. Но по сè изгледа дека за нив е тоа нормално бидејќи ни пред да се родат, ни по раѓањето не ги запознале ни животот ни смртта. Оти да ја запознаеш и смртта ти треба тоа да го спознаеш со инструментот на животот. А ако него го немаш, ти немаш ни живот ни смрт, па лесно можеш да усмртиш, без да знаеш што е тоа, еден цел народ, и тоа не со оние сегашните негови жители, туку и со сите негови предци и прапредци низ кои и од кои дотекува како идентитет тој. Туку што е тука најтрагично, ги обележуваш со цивилизациски мртовечки печат и поколенијата на родот што сега се зачнуваат или и по едно и повеќе столетија во бакнежот и постелата на македонските љубовници и младоженци. И тоа иако звучи метафизички, оти и трагедијата таква каква што е македонската е тоа, не е метафизичка, драг читателу, туку сурова, најсурова реалност. А сурова реалност кај нас се и предавниците за кои Гоце рече дека ги нема во толкав број кај ни еден друг народ.
Крај. Го гасиме светлото, кое е веќе изгасено, драг читателу. Цивилизацијата одамна ја гаси струјата за Македонците за да ги стави во мртовечки ковчег. Преспа и Преспанскиот договор не се првиот смртоносен експеримент на тој план. Цивилизацискиот experimentum macedonicum на смртта е perpetuum mobile експеримент на европските сатанистички „демократи“, ама никако него да го доведат до крај, оти македонскиот инстинкт за постоење во своето име и идентитет е многу посилен и од динамата на Тесла поставени на водопадите на Нијагара. А тоа треба да го знае оваа ѕверска цивилизација, оти, тоа е повеќе од сигурно, таа ќе умре пред Македонија и Македонците.
Тоа. Уште за она на сите што велат дека Преспанскиот договор и нему сличните договори што носат смрт на Македонците прво идентитетска, а по неа и физичка, е реалност. Тука реалноста се римува со смртта, и тие што ја промовираат неа се мртовци, ама надвор од животот на родот.
Nocturno. De profundis. Memento mori.


































