ФУДБАЛ
- Првата меѓународна пауза сезонава ќе трае една недела подолго од вообичаеното. Традиционалната октомвриска пауза сега е укината. Петтата сезона на Лигата на нациите почнува на 24 септември, а за време на таа репрезентативна пауза е предвидено секоја селекција да одигра по четири меча
Првата меѓународна пауза во фудбалската сезона следниот месец ќе трае една недела подолго од вообичаеното, а традиционалната октомвриска пауза сега е укината.
Тренерот на шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид, Жозе Мурињо, изрази загриженост за влијанието на тринеделната репрезентативна пауза во септември, пишува „Би-би-си“.
– Тоа е многу време. Фудбалерите што ќе се приклучат на своите репрезентации за да играат не ме загрижуваат толку многу. Оние што се приклучуваат на националните селекции и не се навистина вклучени ме загрижуваат. Ќе видиме како можеме да се справиме со ова и да работиме со другите играчи. Но тоа што немам играчи на располагање три недели е тешка ситуација – вели Мурињо, пренесе „Би-би-си“.
Во претходните години, Светската фудбалска федерација (ФИФА) користеше пет основни меѓународни паузи во текот на сезоната, во март, јуни, септември, октомври и во ноември. Но наместо посебни паузи во септември и во октомври, сега ќе има пауза од три недели за меѓународни натпревари на крајот на септември и на почетокот на октомври, кога репрезентациите ќе играат по четири меѓународни меча наместо по два. Постојните меѓународни паузи во ноември, март и во јуни ќе останат.
Зад промената стојат голем број причини, вклучувајќи го и финалето на Светското првенство годинава што се играше на 19 јули, а при донесувањето на промените беа земени предвид и благосостојбата на играчите и патните аспекти, пишува „Би-би-си“.
– Апсолутно ги почитувам одлуките на играчите и не сакам премногу да драматизирам, но многу често тие се повредуваат за време на тие паузи и веднаш откако ќе се вратат од репрезентативна пауза – рече Мурињо, пренесе „Би-би-си“.
Португалецот веќе зборуваше детално за играчите од Светското првенство во неговиот состав на Реал Мадрид, вклучувајќи ги Џуд Белингем, Марк Кукурелја и Килијан Мбапе, кои имаа напорно лето и рече дека клубот работи на управување со обемот на работа за да го намали ризикот од повреди, пишува „Би-би-си“.
Петтата сезона на Лигата на нациите почнува на 24 септември. Македонија првпат ќе игра во лигата Б. Црвено-жолтите се во групата А, во која се и Шкотска, Швајцарија и Словенија. Во оваа репрезентативна пауза, Македонија ќе игра со Швајцарија дома (26 септември), Словенија на гости (29 септември), Шкотска дома (3 октомври) и со Швајцарија на гости (6 октомври). Во ноември се дуелите со Шкотска на гости (13 ноември) и со Словенија дома (16 ноември). Победникот на групата ќе се пласира во лигата А за идната сезона, второпласираниот ќе игра плејоф за пласман во лигата А, третопласираниот во плејоф за опстанок во лигата Б, а селекцијата на четвртото место ќе се пресели во лигата Ц за идната сезона.
Лигата на нациите ќе биде поврзана со квалификацискиот систем за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година.
Во квалификациите ќе бидат формирани 12 групи, од кои победниците и осум најдобри второпласирани ќе настапат директно на ЕП 2028. Две места на Европското првенство во 2028 година ќе бидат резервирани за двете најдоброрангирани земји домаќини што не се пласирале директно преку квалификациската групна фаза, а другите места ќе бидат доделени преку плејоф помеѓу преостанатите второпласирани во квалификациските групи и најдоброрангираните неквалификувани победници на групите од Лигата на нациите за сезоната 2026-2027, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во зависност од бројот на места што ќе ги користат земјите домаќини, бројот на места на ЕП 2028 определени преку плејоф може да варира помеѓу два и четири, пишува УЕФА. Н.М.


































