Пет мини-библиотеки исполнети со дела од современи европски автори се поставени на фреквентни локации низ Скопје. Граѓаните можат бесплатно да позајмат книга, да ја прочитаат и потоа да ја вратат на истото место, за приказната да продолжи кај следниот читател.
Оние населби во кои граѓаните совесно ќе ги користат мини-библиотеките, ќе ги чуваат книгите и ќе ги враќаат откако ќе ги прочитаат, ќе добиваат и нови приказни. Издавачката куќа „Сакам книги“ периодично ќе ги освежува добро зачуваните библиотеки со нови наслови, со што нивниот избор постојано ќе расте, а до читателите ќе стигнуваат нови европски автори и дела. Колку повеќе се грижиме за книгите, толку повеќе книги ќе има за целата заедница.
Мини-библиотеките се поставени на Средно Водно, во Градскиот парк, во Парк Македонија спроти „Веро“ – Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близина на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.
– Со поставувањето на мини-библиотеките сакаме книгите да бидат таму каде што се луѓето – во парковите, на прошетка, во природа и во срцето на градските населби. Секоја позајмена и вратена книга е нова средба, ново искуство и доказ дека културата на читање може да се гради заеднички – изјави Ивана Спасев, лидер на проектот и дел од издавачката куќа „Сакам книги“.
Поставувањето на мини-библиотеките е дел од пошироката мисија на проектот за долгорочна достапност на европската литература и создавање поотворена, поемпатична и позелена заедница. Покрај издавањето книги, проектот опфаќа еколошки, образовни и општествено одговорни активности со кои литературата станува двигател на позитивни промени.
Реализацијата и поставувањето на мини библиотеките се овозможени во соработка со Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Општина Аеродром, кои ја поддржаа иницијативата за создавање достапни книжевни катчиња во јавниот простор.




































