Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ наложи на армијата да ја уништи инфраструктурата на Хезболах во јужен Либан, соопшти владината прес-служба, пренесе ДПА.
За време на посетата на израелските трупи во јужен Либан, Нетанјаху се осврна на надземните и подземните објекти што, според Израел, Хезболах ги користел за напади, меѓу кои и тунели.
-Ова е наредбата: не оставајте ништо зад себе, а вие го правите тоа – рече Нетанјаху.
Тој порача дека војниците треба веднаш да реагираат доколку идентификуваат закана за нивните животи. Нетанјаху ја отфрли можноста за повлекување на израелската армија од пограничната област сè додека Хезболах не биде целосно разоружан и, според него, повеќе не претставува закана за Израел.
Нетанјаху го опиша Хезболах како најважната врска во оската на сојузници на Иран. Тој тврди дека од некогашните 150.000 ракети и проектили на групата останале околу осум отсто, како и дека Израел убил околу 9.000 „терористи“ во Либан.
Според Нетанјаху, најважната мерка за Израел била создавањето тампон и безбедносни зони меѓу Хезболах и северен Израел.
Либанската влада и Хезболах ја опишуваат безбедносната зона, еднострано воспоставена од Израел, како окупација и кршење на меѓународното право. Според пресметки на либански медиуми, областа под израелска контрола во јужен Либан опфаќа околу 620 квадратни километри, односно околу шест отсто од територијата на земјата, потсетува ДПА.


































