Фото: Независен

Македонскиот национален ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и хрватскиот национален ансамбл „Ладо“ ќе одржат два заеднички концерти во Македонија, носејќи на сцената спој на македонската и хрватската фолклорна традиција, соопшти Министерство за култура и туризам.

Првиот концерт ќе се одржи на 8 јули на античкиот локалитет Хераклеја во Битола, а вториот на 10 јули во Националната опера и балет во Скопје. Двата настапи ќе започнат во 20.30 часот, а ќе се реализираат под насловот „Една ноќ под ѕвездите“.

Во програмата ќе настапат двата ансамбли, основани во 1949 година, кои со децении ја негуваат и промовираат традиционалната музика, игра и културното наследство на своите земји. Публиката ќе има можност да проследи кореографии, вокални изведби и автентични народни носии што претставуваат дел од богатото фолклорно наследство на Македонија и Хрватска.

Концертите се организираат како дел од заедничката културна соработка меѓу двата национални ансамбли, а влезниците се веќе пуштени во продажба.