Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Европа денес живее во две различни економски реалности. Во едната се Исланд, Швајцарија и Данска, каде што цените се највисоки, но и
    платите овозможуваат висок животен стандард. Во другата група се Романија и Бугарија од ЕУ, но и Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ како држави на Европа. Тие се најевтините држави на Стариот Континент, според анализата на Евростат. Но втората група земји, иако според истражувањето имаат пониски цени на производи и услуги, тоа не значи автоматски дека животот е полесен. Зашто, за граѓаните не е
    пресудно колку нештата чинат, туку колку можат да си дозволат со својата плата

Обемно истражување на Евростат, засновано врз споредба на повеќе од две илјади производи и услуги, покажува дека Европа ценовно е поделена на многу различни региони.

Ценовни разлики од речиси четири пати

На самиот врв е Исланд, каде што цените се за 83,7 проценти повисоки од просекот на Европската Унија. Веднаш зад него е Швајцарија, со 81 процент повисоки цени, а следуваат Луксембург, Данска, Република Ирска и Норвешка.
На другата страна на табелата се земјите од Југоисточна Европа. Македонија е рангирана како земја со едни од најниските цени на производи и услуги. На пример, сликовито, Евростат толкува дека она што во ЕУ чини 100 евра, кај нас, во Македонија, во просек чини половина, односно 49,7 евра. Со тоа Македонија е речиси 3,7 пати поевтина од Исланд.

Што всушност мери Евростат?

За разлика од класичните споредби на цените, во ова истражување Евростат го користи индикаторот наречен „Вистинска индивидуална потрошувачка“ (АИЦ). Тоа значи дека во пресметките не влегуваат само производите и услугите што граѓаните ги купуваат сами туку и делот од образованието, здравството и другите услуги што ги финансираат државата или непрофитните организации. Токму затоа ова се смета за една од најреалните споредби на животните трошоци меѓу европските земји.

Професорот Роберт Инклаар од Универзитетот во Гронинген: Не е најважно дали една земја е скапа или евтина, туку што може да се купи со просечната плата

Евростат намерно не ги споредува платите, бидејќи целта на истражувањето е да ги измери цените, а не животниот стандард. Токму затоа професорот Роберт Инклаар од Универзитетот во Гронинген предупредува дека не е најважно дали една земја е скапа или евтина, туку што може да се купи со просечната плата. Со други зборови, вистинска мерка за благосостојба е куповната моќ.
– На пример, Швајцарија со години важи за една од најскапите земји во светот. Сепак, таа истовремено има и едни од највисоките просечни плати, поради што нејзините граѓани располагаат со исклучително силна куповна моќ. Истото тоа важи и за Исланд, Данска, Норвешка и Луксембург. Иако плаќаат многу повеќе за храна, превоз, домување и услуги, нивните приходи се доволно високи за тие трошоци да не претставуваат сериозен товар – објаснува професорот Инклаар.

Големите европски економии

Интересно е што меѓу најголемите економии во Европската Унија најскапа е Германија, каде што цените се за 9,1 процент над европскиот просек. Франција е речиси на самиот просек, Италија е малку под него, додека Шпанија останува речиси девет проценти поевтина од просекот на Унијата. Хрватска, пак, има ценовно ниво од околу 76 проценти од просекот на ЕУ, што ја прави поскапа од повеќето балкански држави, но и натаму значително поевтина од Северна и Западна Европа.

Евростат открива интересен агол на гледиште

Статистиката на Евростат открива интересен парадокс. Да се биде најевтина држава во Европа не значи дека граѓаните живеат најдобро. И обратно – најскапите држави не се нужно најнепристапни за живот. Клучен показател останува куповната моќ, односно односот меѓу цените и приходите. Затоа вистинското прашање не е колку чини една потрошувачка кошница, туку колку такви кошници може да купи едно просечно семејство со својата месечна заработка. Во таа споредба, Македонија сè уште има долг пат до европскиот стандард, но секако сега позабрзано чекори по него. Е.Р.


Најскапи држави во Европа

• Исланд – 183,7 (ЕУ = 100)
• Швајцарија – 181
• Луксембург 148
• Данска – 140,2
• Ирска – 139,6
• Норвешка – 138,4

Најевтини држави во Европа

• Македонија – 49,7
• Турција – 52,2
• Босна и Херцеговина – 55,7
• Романија – 58,9
• Бугарија – 60
• Црна Гора – 61
• Србија – 62,5