Песни што ме тераат да играм
Некое тмурно, ладно време, врне, магла, не може само по дуксер, мора и јакниче да имаш, што е веројатно и карактеристично за скопската пролет. Е, баш во тој период во годината Оливер Белопета го организира фестивалот „Оффест“, како намерно да го прави тогаш за да имаат посетителите место каде што ќе се чувствуваат подобро и посреќно. Ги знаете оние моменти кога стануваш наутро за работа или факултет, а тоа врне, па не ти се излегува, некоја полудепресија и како што денот ја буди ноќта така и сите оние што одат тие вечери на „Оффест“ постепено се будат, ја убиваат депресијата, ги води љубовта кон музиката. Колку се поблиску до Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар толку се посреќни. А среќата постои во разни форми, на разни начини доловена. Оние среќните оваа година уживаа во четири вечери преполни со различна музика, најмногу од африканскиот континент, но и од европскиот. Првата вечер требаше да почне со музичари од Мали и Гвинеја – групата „Гитаро баро“, но поради некои пречки, настапи само лидерот на групата, Лассани Диабате, со неговиот инструмент балафон. Тоа не беше пречка да го покаже својот раскошен талент туку, напротив, му беше поттик целосно да се ослободи, да се рашири, да се даде себеси и со тоа да ја предизвика публиката да аплаудира. Потоа ете ги старите познаници од Јужна Африка, групата „БЦУЦ“. Не беа во нивната препознатлива облека, туку во модерни маици, фармерки, патики. Тие, шестемина, пејачи, бас, бас драм, конги и нивниот револуционерен звук и текстови. Местото од кое доаѓаат Совето е познато како централно место за борба против апартхејдот, оттаму почнала и се развивала револуцијата, но и оттаму, од иста улица доаѓаат и двајца нобеловци, Нелсон Мандела и Дезмонд Туту. И сега, кога во крвта ти е борбата за правата, за што ќе пееш? Па, нормално, за револуција, љубов, еднаквост, и сето тоа ќе го промовираш низ целиот свет со бес, гнев и тага. Така што колку и да беше нивниот концерт преплавен со богат звук на удиралки, со прекрасен бас, со танцување и со неверојатното пеење на тројцата пејачи, сепак се чувствуваше некоја тага во секој испеан текст, во секој поглед, во тишината што ја има во секоја песна. Е, ова беше концерт за паметење. Така го доживеа и публиката. Втората вечер настапија Нилс Окланд и Сигборн Апеланд, двајца Норвежани длабоко навлезени во некоја нивна музика измешана со црковна, народна норвешка, современа, импровизирачка музика што всушност ги доближува до џезот. Во секој случај, нешто ново и необично за нас. Веднаш по нив Македонците Добрила и Доријан го промовираа најновиот албум „Ветре да подујне“. Излегоа на сцената и продуваа. Неверојатниот глас на Добрила, поткрепен со жичените инструменти на Доријан, реоткривајќи ни македонски песни што не сме ги знаеле. И сето тоа звучеше неустрашливо, сјајно, чудотворно, полно со бои и симболи, дури и за нас Македонците некако ново, којзнае како би им звучело на странците што никогаш не чуле наша музика. Секоја чест. Оваа музика душа дала како подлога за некои филмови на Питер Џексон, и тоа во „слоумоушн“. Само седнете и замислете како би изгледал тој момент кога го убиваат Арагорн, онака секоја секвенца полека, темно, страшно, а во заднина музиката на Доријан и Добрила, која дава некоја надеж, светлина. Третиот ден ме пречека изненадување. Можеби најдобриот концерт од сите вечери. Раул Рефрее и Марија Мазота. Шпанец и Италијанка. Акустична гитара со некои чудни инструменти споени со неверојатниот глас на Марија, а основата на сето тоа стои во италијанската апулијанска култура. Во тие неверојатни песни стои мешавина на католички ритуали, народно суеверие, тарантизам, Гаргановиот мит и верување во постоење на луѓе-волци, грчка митологија, опседнати места, села, луѓе. И сето тоа пренесено во живо од двајцата артисти на сцена. Марија пее (и тоа како пее), подвикува, нарикува, Раул ја следи, на моменти мирно, на моменти енергично, молскавично, предизвикувајќи во публиката неверојатни чувства, водејќи нѐ на нови места, будејќи некои скриени стравови, одамна заборавени. Овие двајца не се од оваа димензија. Наредната група не бев во можност да ја следам, седев настрана сам, долу покрај Вардар, сумирајќи ги впечатоците што сѐ уште ме држат од она што ни го понудија Раул и Марија. Четвртата вечер во Младинскиот културен центар имаше проекција на филмот за Том Џобим и Елис Еагина. Нема да ви откривам за што станува збор, само ќе ви препорачам да го гледате. Истата вечер настапи Матчуме Занго од Мозамбик. Сам, во големата сала заедно со неговите тимбила/тапани/конга. Ова беше повеќе аудиовизуелен перформанс. На платното се појавуваат снимени свирачи и пејачи од Мозамбик и настрана свири Матчуме со своите инструменти и ја следи музиката од снимениот материјал. Веднаш потоа „Завосе квинс“ (Пендо и Леах) од Танзанија. Двете лидерки на групата свират на перкусион, пеат, танцуваат и заедно со другите двајца создаваат звук што во основа е звукот на регионот Додома во Танзанија. Другите двајца се Бен (тапани) и Тал (гитара, бас), кои се музички образовани, доаѓаат од Лондон и во танзаниската музика вметнуваат џез-елементи. Во живо тоа звучи компактно, моќно, енергично. Сестрите Завосе не мируваат, свират, пеат и танцуваат, создавајќи неопходен флуид со публиката, понесени од ослободувачкиот звук. Така заврши и овој „Оффест“, прекрасен, добро организиран, будејќи во нас, вљубениците на несекојдневната музика, дел од она што веројатно тлее во секој од нас. Како некое ново будење.
Љупчо Давчев
































