РАСТЕГЛИВО ТОЛКУВАЊЕ НА БИЛАТЕРАЛНИТЕ ДОГОВОРИ НОСИ МНОГУ ОПАСНОСТИ
- Во моментов постојат сериозни искричења помеѓу Турција и Грција, главно за суверенитетот на островите во Егејот или во Медитеранот. Што е важно за нас? Дека и двете земји цврсто стојат на своите изградени суверени позиции, дека не се држат толку формално до билатералната рамка за добрососедство, туку целиот свој дипломатски капацитет го насочуваат врз база на националните стратегии. Тоа е и патот кон кој мора да оди и Македонија, особено сега во односите со Бугарија. Да ги брани и да ги одбрани своите интереси
Кога нештата ќе тргнат на лошо тешко се средуваат, па дури и да се постигне некаков договор за пријателство. Без разлика дали тој договор или декларација се постигнати со билатерални преговори или со посредништво. Секогаш во меѓусебните односи ќе се најде некоја закачка, или како што народот кажал – некој постојано ќе бара влакно во јајце. Не треба многу да ја удираме главата за да најдеме таков пример – токму тоа се моменталните односи меѓу Македонија и Бугарија. На ниско ниво и покрај тоа што слушаме декларации дека нешто се работи зад дипломатските ѕидови. Кога е во прашање тајната дипломатија, секогаш треба да се биде крајно претпазлив во очекувањата, затоа што јавноста речиси ништо не знае за деталите, а во дипломатијата тие имаат големо значење.
ИНКУБАТОР НА ПРОТОКОЛИ
Македонија и Бугарија не се никаков посебен пример за меѓусоседски проблеми, па затоа од нашето соседство ќе ги земеме предвид најновите искричење меѓу Турција и Грција. И двете земји членки на НАТО и двете со амбиции да бидат регионални лидери. Нов отоманизам и нов егзархизам. Во моментов со крајно затегнати односи.
Македонската закачка се вика Софија (иако не е само таа, четирите волци никогаш не се сменија) и тоа чепкање по националните интереси на Македонија станува сѐ посериозно, а стратегијата на Бугарија е постојано да нѐ притиска и билатерално, но и мултилатерално. Да заклучиме – постигнат е Договор за пријателство и соработка, но тој не функционира. Целата тежина на односите се префрла на два протокола, тоа значи наметнати обврски само за Македонија, а може утре да бидат и десет протоколи, зашто тие ќе произлегуваат од инкубаторот наречен меѓувладин дијалог.
БУГАРИЈА НЕКОГАШ БЕШЕ БАЛКАНСКО ЈАГНЕ

Едно мало историско навраќање. Не беше секогаш Бугарија на вакви непријателски позиции кон својот сосед. Не, не. На пример во 1999 година дозволи ОМО „Илинден“-ПИРИН да биде регистрирана како партија на Македонците, па дури тие имаа можност и да се натпреваруваат во изборна трка и да освојат неколку советнички места. Тоа значи и на ново ниво да бидат интегрирани во бугарското општество. Тогаш на Бугарија ѝ требаше добриот македонски збор дека е задоволна од тоа како ги третира тамошните Македонци. Но таа убава приказна траеше многу кратко. Бугарија си го затвори европското досие и доби карт бланш од Скопје за членство во ЕУ, но Пиринци останаа без својата партија, без свој политички трибун што ќе ги претставува нивните интереси во политиката. Македонците во Бугарија добија десетици пресуди пред Европскиот суд за човекови права, но ниту Стразбур, а уште помалку Брисел се загрижија посериозно поради тоа што Бугарија континуирано им ги крши правата на Македонците, а тоа значи дека ниту рестриктивниот бугарски устав за нив не се применува. Својата антимакедонска стратегија, која оди паралелно со сеењето бугарски пасоши, доби и нуклеарно оружје откако во времето на двоецот Прванов-Станишев, Бугарија во 2007 влезе во ЕУ. Си доби и право на вето. И се бори за позиции да наметнува став дека билатералниот договор со Македонија, всушност е мултилатерален, односно важи и за ЕУ, особено за вториот протокол.
Дали е тоа така? Кусиот одговор е не, но за да се оправда ова мора да се биде сериозен субјект во меѓународните води. Првата работа што на македонската дипломатија ѝ стои на маса е да алармира дека Бугарија не го почитува Договорот за пријателство. И за ова со нота треба да ја извести Софија. Треба да протестира.
Сепак, клучната позиција е дека тоа е билатерален договор и за тоа треба цврсто да се надградува нашата надворешна позиција и да се отвора пат за отворање на Договорот со Бугарија за да може да се примени принципот на реципроцитет. Со ваков договор каков што е сега само ќе се отвораат проблеми и нема да има здрав простор и клима за пријателство и соработка.
ШТО СЕ СЛУЧУВА МЕЃУ АНКАРА И АТИНА
Се јавија посериозни искричење меѓу Грција и Турција. Ќе речеме не е прв пат, но геополитичката клима наметнува внимателно следење на настаните. За нас е поучно да следиме како ќе реагираат две суверени нации. Првин да расчистиме – и двете земји не тргнаа по бугарско-македонскиот урнек да пишуваат заедничка историја. Јасно е зошто.
Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство е историски документ потпишан во Атина од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во 2023 година. Декларацијата претставува клучен чекор кон рестартирање и нормализација на односите меѓу двете земји по долг период на високи геополитички тензии во Егејско Море и во источниот Медитеран. На почетокот рековме дека работите не одат секогаш според словото на потпишаните договори. А особено за последниот случај, кој навлегува во Конвенцијата на ОН за отворено море, која може да се толкува колку што се широки и длабоки океаните. Америка ја нема ни потпишано. Јасно ли е зошто?
Грција неодамна го осуди создавањето на два огромни морски парка од страна на Турција како „нелегално“, обвинувајќи ја Анкара за посегнување по меѓународните води и континенталниот гребен на Грција. Турција претходно објави дека две заштитени подрачја во Средоземно и во Егејско Море ќе бидат назначени за национални морски паркови.
Едниот парк ќе ги опфаќа водите покрај јужните турски крајбрежни градови Фетије и Кас во Медитеранот, додека вториот ќе опфаќа област во северниот Егеј во близината на Дарданелите, според декрет објавен во турскиот службен весник.
Но Атина соопшти дека турските паркови се протегаат надвор од територијалните води на Турција, инсистирајќи дека потегот „нема правен ефект“, и тука се појавуваат сериозни проблеми во толкувањето затоа што таа конвенција остава простор за различни толкувања. Токму во тие различни толкувања влезе и специјалниот воен договор меѓу Турција и Либија, на кој исто така реагираше Грција, но и некои други засегнати страни во Медитеранот, при што по илјадити пат се постави прашањето – што се тоа прецизно граници на отворено море. Грчкото МНР, пак, веднаш појасни дека нивните морски паркови се во согласност со „правото на отворено море“. Анкара, пак, ја предизвикува Атина и со стратегијата „Сина татковина“ со која се очекува и формално да го оспори суверенитетот на 150 острови во Егејот. Многу од нив се ненаселени, но не е никаков проблем и тоа да се реши со населување на неколку „луѓе глинени гулаби“. Од друга страна, Грција не крие дека планира да отвори база за дронови на островот Родос, кој, според меѓународни договори, е предвидено да биде демилитаризиран.
СТРАТЕГИЈАТА НА МИЦОТАКИС ОДИ ПО ТЕНКА ЖИЦА
Ако останува нешто нејасно во оваа „добрососедска равенка“, тогаш непознатата не е само борбата за територија, туку, секако, и битката за ресурси – нафта, гас, па и нешто трето.
Овие грчко-турски тензии будно се следат меѓу западните сојузници, а стратегијата на Мицотакис е ако може во сегашната фаза на конфликтот да ги вовлече пријателите од ЕУ, нешто што Софија успешно го направи со Македонија. Можно е тоа да заврши со воведување некакви економски санкции кон Турција, но тоа е многу ризично поради геостратегиската позиција на Турција на Блискиот Исток, а ЕУ токму таму е на маргините. И двете страни ги користат своите национални стратегии и тоа е битно што ние треба да го извлечеме како поука од овој конфликт. Обидот на Мицотакис да создаде мултилатерален проблем (за сите 27 членки во ЕУ) оди по тенка жица, затоа што Турција суверено и тврдо игра на својот скапо спечален углед, но и меѓународна позиција како важна држава меѓу Западот и Блискиот Исток.
Стратегиите од регионот и нашата стратегија
Од ова што сега се случува во регионот јасно е дека нашите соседи и државите од регионот имаат јасни стратегии. Дали Македонија стигна до тоа да има национална стратегија поврзана со проблемите со Бугарија и општо за своите национални интереси, и ако не утврдила, тогаш јавно да прашаме – кои се виновниците за тоа. Познато е дека еднаш македонското собрание во 2021 година донесе со консензус црвени линии за преговорите за во ЕУ, но тие ги пречкртаа СДСМ и ДУИ, а потоа се случи и вториот протокол. Зошто тие сега не би ја поправиле грешката?
Сега кога станува сѐ појасно дека Западен Балкан е „високо на европската агенда“, а всушност е оставен во магарешка клупа, и дека полноправно членство е нешто што не се гледа јасно во перспектива, логично е да се праша – каде би тргнала сега Македонија доколку оди по диктатот на Софија? Подобро е целиот свој дипломатски капацитет да го насочи кон дополнителни преговори на Договорот за добрососедство, за тој да заличи според Виенската конвенција за договорно право, каде што принципот на реципроцитет е алфа и омега. И конечно и Македонија има своја дипломатска нуклеарна бомба – во секој момент може да го анулира вториот протокол и покрај тоа што во моментов и Владата и Уставниот суд се во некаква позиција на длабока анализа на последиците од таков чекор. А последиците веќе се очигледни и се на наша штета, затоа и треба да се тргне кон исправка на дипломатските грешки и процени на претходната влада. Х.И.


































