Во трговијата, драги мои, нема жал. Ни за мајка, ни за татко! Јас тоа го научив многу рано, едвај на дваесетина години. Ми го покажа човек на сериозна возраст, инаку тогашен деловен соработник на моето семејство. Нема никогаш да ја заборавам таа слика, како во една секунда, без да трепне, пред моите очи ги продаде своите најблиски партнери со кои започнал и изградил корпорациска империја. Не помогнаа молбите, солзите, а ниту клетвите на тие двајца луѓе, маж и жена на извесна возраст, веројатно таа на која сум јас денес, пред кои засекогаш се затвори шимшир портата на пазарот на човечки души! Го прашав зошто го направи тоа? Ми рече: „Во трговијата нема жал ни за мајка ни за татко“! Неколку години подоцна, едвај извлекувајќи жива глава, но подучен од тоа што им се случи на други, престанав да го правам она во што, може да се каже, бев и успешен. Мене пари никогаш не ме интересирале. И тоа е мојот проблем. Веќе го имав прочитано романот „Мртви души“ на Гогољ. Се чувствував како Чичиков. Не сакав да бидам Чичиков. Не можам да бидам Чичиков. Ама, има кој може. Така е тоа во животот. И тоа го научив. На овој свет не постои празен простор. Празно место. Ако ти се подместиш, на твоето место ќе дојде друг. Подобар или полош? Тоа е друго прашање и не е поврзано со просторот, туку со други пространства каде што човечката душа не престојува. Така е насекаде. И во политиката. Особено таму. Со секое подместување на еден човек, со потенцијали да чини добрини и дела, неговото место го зазема друг. Самонахален или избран за тоа. Најчесто, кога се во прашање големи работи што во светот на политиката треба да се завршат брзо и ефикасно, се одбира човек што е подготвен заедно со целото свое живо семејство да ги продаде, како што самиот се пофали, и: мртвите предци! Па така, нашиот Чичиков освен живи, продаде и мртви души.
Се сеќавам во еден момент додека беше сѐ уште само градоначалник на, како што свиреше трубата на пропагандата, најуспешната општина во државата викана „европска Струмица“, одеднаш тој, градоначалникот, исчезна од градот. Рекоа, заминал за Америка. Остана таму неколку месеци. Ние, кои побегнавме од светот на трговијата со човечки души, живи и мртви, седевме по кафеани и како зелени скинати се смеевме до болка кога на прашањето што прави во Америка, на еден наш пријател му кажал: „Еве, Американците ме спремаат за премиер“! Паднавме под маса од смеење. Неколку години подоцна, тој, нашиот Чичиков, стана премиер. Нам смеењето ни преседна, а тој ја направи најголемата зделка во светската историја во измислената и стварната продажба на живи и мртви човечки души. Тој човек продаде цел еден народ. Жив и умерен. И набрзо по тоа – си замина. Ја затвори тешката шимшир порта на трговијата. Истата онаа слика од мојата рана младост. По него останаа болки, трауми, тага, разочарувања, невелици, неволици и несоници. Како што би рекол поетот. Да не му го спомнувам името во ваква пригода, гревота е.
Нашиот Чичиков, во таа трговија со живите и мртвите души на земјата некогаш велена Македонија, сега го живее оној дел што кај романот на Николај Васиљевич се нарекува незавршен. Во тој пасус, до нас стасан само како ракопис, сепак, вистинскиот Чичиков е разоткриен, се покајува и завршува во затвор, каде што, нормално, прави нова измама, излегува од казаматот и засекогаш заминува во непознат правец. На крајот сепак постои и мало задоволство за читателот, кој е наивен и бара правда за себеси, а казна за Чичиков, па има обраќање на добриот и чесен Кнез, кој доблесно ќе им признае на своите поданици дека е немоќен да го пронајде и уапси големиот трговец со човечки души и, колку за утеха, ќе ни каже поучно слово за тоа дека измамата и трговијата со човечки души не се добри работи и не треба да ги правиме. Ете, правдата и вистината можеби не победуваат секогаш, но секогаш подучуваат. А Чичиков? Што се случува со него?
Е па, ете го нашиот Чичиков, секој ден во овие летни горештини на местото викано Паљури во соседна Грција, како со своите сотрговци на души се забавува на јахтата од, внимавајте на цената, „осумстотини илјади евра“! Не ми се верува? Да продадеш една земја сосе живи и умрени души, барабар сосе татко ти, мајка ти, жена ти и децата, и сето тоа само за јахта од само осумстотини илјади евра, е тоа јас го доживувам како најголем пораз на сите оние продадени души. Живи и умерени. Мене сега не ми е ниту важно што тој човек бил трговец со души, што бил измамник и побегнал од правдата. Мене не ми дава мир не тоа дека сме продадени, туку тоа дека сме продадени за ништо! За само осумстотини илјади евра?! И куќа еден крак подолу. И апартман во Дубаи. Толку евтино ли сме продадени? За џабе? Лично познавам и неколку продадени души што имаат вистински јахти. Некои и бродови со едра и сидра што не влечат напред, кои за разлика од нашиот Чичиков ги врзуваат во Кан, на Сан Тропе, во Тенерифе, на Карибите, а некои дури и на Флорида, каде што со светскиот џетсет уживаат во брановите што им удираат во лицето што гордо се држи на живите рамења од умрените им души.
А нашиот Чичиков со глисерчето „се плеска“ на Паљури, кај што секој вошлив мртов или жив продаден Македонец може да отиде и да му се измоча, ако не на чамчето, тогаш барем на ортомчето со кое навечер го врзува на брегот каде што во некоја локална таверна јаде сувлаки, ѕаѕики, пие рецина од мало шише со капаче, додека жена му пее песни од Ремо! Или од Харис. Замислете! Јас мислев вечерите ги минува на Епидаур во беседи со светските драматичари за решителната Медеја, убиствената Електра и тажната Антигона. Или организира приеми со важни светски политичари, кои во ова одметнато од умот време ги откриваат тајните на опстанокот и просперитетот. Но, нашиот Чичиков, ете го тука, покрај нас, ужива да се покажува, да се слика, да го гледаат сите оние што го познаваат и знаат што точно направил со нив, ама не му можат ништо бидејќи тие во суштина и не постојат! Продадени се! Претпоставувам дека човек со продадена душа, умерена или жива сеедно, не може да направи што и да е кога е во прашање човекот што „достоинствено и гордо“ на телевизија призна дека „историјата ќе го памети како човекот што ја продал својата земја“! Сосе душите во неа. Живи и умрени.
Јас, кутриот наивец, се надевав дека сме продадени, барем асално, што се вели. Дека сме истргувани барем за јахта од осум милиони евра? Или за брод од осумдесет милиони? Оти да не? Мислев дека сме продадени во големи зделки со европската и светската аристократија, која во име на тој единствен бизнис на светот, нешто ќе им придаде на живите и мртвите души што ги купила? Оти живите треба да се хранат, а умрените да се сохранат. Мислев нѐ продал на некој од синовите на принцот од Монако, кога веќе најавуваше дека таа зделка во себе вклучува и патека за Формула 1? Се надевав дека сме верени за децата на оној Закерберг, кој, како што ветуваше, ќе ни го донесе Фејсбук сосе Инстаграм, тука во земјата продадена, сега ми е јасно – „за едно обеќање“!
Тајно посакував да бидеме шитнати под масата на Доналд Трамп, кој на зетот Кушнер ќе му даде пола од живите души што аргатски ќе кренат нов град викан „Скопје на вода“, ако веќе не може „Струмица на суво“. Сите мои надежи, драги мои, биле бесмислени. Се надевав. Иако знаев дека она во што луѓето се колнат дека не е на продажба и нема цена, обично е најевтино! Така испадна и оваа работа со нашиот Чичиков. Испадна дека Американците убаво го спремиле. За трговец со човечки души. Ги бидува за тоа, нема што. За разлика од Русите, кои за овие трговски практики сакаат да пишуваат книги и да мечтаат, Американците секој сон го претвораат во стварност. Така и со нас. Она што не ни паѓаше ниту на сон, ни стана јаве.
Да се вратам кај романот на Гогољ. Оној што се вика „Мртви души“. Познавачите на литературата сметаат дека иако е грандиозно, сепак е незавршено дело. Имено, крајот е недопишан. И јас тука ја гледам генијалноста на писателот. Ни оставил Николај Васиљевич можност секој од нас сам да си ја дораскаже приказната за големиот трговец со човечки души Павле Чичиков. Па така и јас, драги мои. Во мојот крај замислувам како Кнезот го пронаоѓа и апси трговецот со човечки души. Не дека со тоа ќе исчезнат сите Чичиковци што на веков ги имало, ги има и ќе ги има, туку, затоа што и ние што верувавме во правдата, заслуживме да не мора да го гледаме секоја вечер по телевизии, вклучувајќи ја и мојата, како, тој, Чичиков, се фали со тоа од кое секој умен човек би се срамел! Нашиот Чичиков, драги мои, не сака да оди во Сан Тропе или Флорида, кај што никој ниту го знае, а ниту го познава. Тој таму не постои. Него го има само ако го гледаме ние. И зборуваме за него и неговото неповторливо дело. Помислив, кога веќе ова нема да заврши со крај што јас и други стотици илјади наивни како мене го замисливме, барем ако може да не го покажуваме она од што, и криви и должни, и живи и умрени, секој ден го гледаме, и секој ден се срамиме. Од себе самите. И од тоа што поверувавме. Во правда.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“

































