Високите температури предизвикаа зголемен број интервенции на Брзата помош во Скопје, а само утрово биле регистрирани повеќе од пет колапси на јавни места, најчесто кај постари лица, пренесе МИА.
Д-р Ана Џарева од Брза помош – Скопје изјави дека службата бележи значително зголемен број повици, при што помош и медицински совети побарале и помлади граѓани.
Најчестите симптоми поради кои се јавувале пациентите биле болки во градите, вртоглавица и општа слабост. Меѓу интервенциите, Брзата помош интервенирала и кај жена на околу 37-годишна возраст на која ѝ се слошило додека била во автомобил.
Покрај здравствените интервенции поврзани со топлото време, службата реагирала и на неколку сообраќајни незгоди, меѓу кои и случај во кој велосипедист бил повреден по удар од возило.
Од Брзата помош повторно апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку е неопходно да излегуваат, се препорачува носење лесна и светла облека, шапка и редовно внесување вода и природни сокови.
Лекарите советуваат да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија. Исто така, се препорачува постепено прилагодување на организмот при излегување од климатизирани простории, за да се избегне температурен шок.
Поради намалената концентрација што може да ја предизвикаат високите температури, докторите апелираат и на зголемена внимателност во сообраќајот.


































