Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека најновите податоци на Евростат, според кои основната потрошувачка кошничка во Македонија е најевтина во Европа, ги демантираат критиките дека државата не бележи напредок, пренесе МИА.
Тој нагласи дека намалувањето на цените на основните прехранбени производи останува еден од неговите најважни приоритети и дека лично работи на анализа на производите кои влегуваат во пресметката на потрошувачката кошничка.
-Евростат објави дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и изнесува околу 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е. Но, овие податоци ги демантираат сите кои не сакаат Македонија да успее – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека Владата детално ги анализира околу 600 до 700 производи што се вклучени во статистичките пресметки, со цел да се утврди каде има простор за дополнително намалување на цените.
-Ако треба, ќе анализираме фактура по фактура и производ по производ. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам наскоро да даде конкретни резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните – рече премиерот.
Изјавата ја даде при пуштањето во употреба на нова детска градинка во населбата Трубарево, во Општина Гази Баба.
Минатата недела Мицкоски одржа средба со претставници на најголемите синџири маркети, по која соопшти дека целта е годишната стапка на раст на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Тој најави и разговори со производителите и дистрибутерите за дополнително намалување на ценовниот притисок.
Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе споредбена анализа на цените на истите производи кај добавувачите и маркетите, споредувајќи ги податоците за мај годинава со истиот период лани. Според премиерот, анализата треба да покаже кои фактори придонесуваат за растот на цените на основните прехранбени производи.

































