Сѐ уште не е објавено кој ќе ја води церемонијата за доделувањето на „оскарите“ во февруари, откако комичарот Кевин Харт се повлече, по протестот поради неговите стари хомофобични твитови. Оскаровката Сандра Булок има оригинална идеја како да се реши овој проблем.
Имено, таа предлага од публиката, по случаен избор, да се избираат глумци, кои потоа на телепромптер би го читале текстот што покрива одреден сегмент од церемонијата на доделувањето.
Булок дури смета дека организаторите не мораат многу да им објаснуваат на актерите што треба да прават, туку само да ги донесат пред телепромптерот и да им кажат „на вас е редот, вие сте глумци, снајдете се“.
Булок за американската агенција „Асошиејтед прес“ изјавила дека тоа е решение што секој од присутните на доделувањето би можел да го изведе.
Таа својата идеја им ја изнела и на колегите, кои со неа играат во најновиот филм „Бирд бокс“ и за тоа добила поддршка.
Глумецот Б.Д. Вонг рекол дека ако некој може да ја реализираа оваа идеја, тогаш тоа е Сандра Булок.
– Таа има купишта идеи, а освен тоа Сандра е во центарот на вниманието на секоја журка и токму некому како што е таа треба да му се довери организацијата на вакво нешто – изјавил Вонг.
Свечената церемонија за доделувањето на „оскарите“ ќе се одржи на 24 февруари.