По повод 20 години успешна музичка кариера, безброј авторски хитови, песни што се пеат од срце, големиот концертен и славенички спектакл – Концерт на Јордан Митев полека но сигурно станува јаве. Деновиве веќе се пуштени и првите онлајн билети преку платформата e–ticket.
Концертот како што веќе најави Митев ќе се одржи во претпразничен амбиент, на 26 декември во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Под мотото „Две децении љубов, песна и незаборавни хитови“, Јордан Митев најавува спектакл каков што Македонија не памети. Вечер исполнета со авторски хитови, македонски фолк звуци, игра, песна и незаборавна атмосфера која може да ја приреди само тој. Со голем оркестар и програма за која наскоро се очекува да ги соопшти деталите.

Онлајн-билетите можат да се купат се за фанпит-зоната, блоковите А и А1, блок 1 и блок 2 и се во претпродажба до ноември по цена од 500 денари за блокови и 700 денари за фанпит. Со почеток на билетите за најверните фанови започнува и кампањата за самиот концертен спектакл за кој Јордан Митев се подготвува во текот на целата година.




































