Фото: „Нова Македонија“

СЕЗОНСКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ ШТО ПРЕСТОЈУВААТ НА ЕГЕЈСКО МОРЕ

  • Организирани кражби од возила, паркинзи што се на удар и нови методи на измама – како да се заштитите на летен одмор?

Во екот на летната туристичка сезона во Грција се бележат зголемен број пријави за кражби насочени кон туристи, особено кон нивните автомобили. Според искуствата на патници и полициски извештаи, најчеста цел се возила со странски регистарски таблички, меѓу кои и оние од Македонија (и Србија), особено кога се полни со багаж и лични предмети. Иако грчките власти, а и туристичките служби редовно издаваат предупредувања, трендот на вакви инциденти не се намалува, туку напротив, се бележи пораст на организирани и брзи кражби, кои траат само неколку секунди.

Брзи, организирани и „невидливи“ кражби

Според опишаните случаи, сторителите најчесто дејствуваат во групи и се задржуваат многу кратко на местото на настанот. Методите се различни, но најчести методи се со кршење на странични стакла, со насилно или ненасилно отклучување на возилата, потоа кражби додека сопствениците се во продавница или на плажа, како и користење електронски уреди за блокирање на сигналот од далечинско заклучување, што како феномен е во нагорен тренд (т.н. ненасилно обивање моторни возила, односно таканаречени тивки провали, каде што возилото останува отклучено без видливи траги, иако сопственикот мислел дека е безбедно заклучено.)

Каде најчесто се случуваат кражбите?

Според нашите соговорници, припадници на МВР во Одделот за кражби, од анализите од собраните информации на инцидентите од кражби од туристи во Грција, најризични точки се местата каде што туристите природно застануваат или се задржуваат подолго време, како што се:
1. Градски и транзитни зони

  • големи паркинзи кај супермаркети и трговски центри
  • одморалишта по преминување граница
  • урбани паркинзи во Солун, особено централните делови
    2. Туристички и комерцијални објекти
  • паркинзи кај ИКЕА, „Џамбо ИКЕА“ и „Уан салоника“
  • супермаркети како „Лидл“ (во туристичките населби)
    3. Популарни туристички дестинации
  • плажи и кампови на Халкидики, плажи во Никити и околината
    4. Урбани и туристички зони на острови како Тасос. Пријавени се повеќе инциденти со кражби и на локации како Белата Кула во Солун, плоштадот „Аристотел“ и воените гробишта „Зејтинлик“, каде што метежите им овозможуваат на крадците полесно дејствување.

Најчеста грешка на туристите

Една од најризичните навики е веднаш по преминување на граница да се застане во големи трговски центри или супермаркети. Токму тогаш возилата најчесто се полни со куфери и опрема, без надзор и паркирани подолго време. Крадците, според анализите на нашите соговорници, го знаат овој образец и често будно ги следат ваквите појави и подготвено одбираат цели за брзи кражби.
– И покрај зголемениот број пријави, огромен дел од туристите ја поминуваат летната сезона без никакви проблеми. Сепак, новите форми на кражби и нивната брзина бараат поголемо внимание. Неколку минути претпазливост при паркирање, заклучување и оставање на автомобилот може да направат разлика помеѓу безгрижен одмор и сериозна финансиска и емотивна штета. Безбедното патување не е случајност – тоа е навика – велат нашите соговорници, со главна цел да го намалат стресот кај нашите читатели, но сепак со порака да бидат внимателни и претпазливи за време на својот годишен одмор. Н.М.


Неколку битни препораки и мислења од безбедносни експерти

Практични совети за превентивна заштита

Безбедноста на патувањето не зависи само од среќа туку и од неколку едноставни, но клучни навики, велат нашите соговорници. Во продолжение прочитајте неколку совети што експертите ги сметаат за клучни.
1. Никогаш не оставајте вредни предмети во автомобил
Паричниците, документите, телефоните, лаптопите, камерите и сл. секогаш носете ги со себе.
2. Не оставајте багаж на видливо место
Дури и празна торба или очила можат да привлечат внимание.
3. Проверете дали навистина сте го заклучиле возилото
Ова особено важи кај системите со далечинско заклучување, кои веќе се вообичаен систем на заклучување на возилата.
4. Избегнувајте ризични паузи веднаш по границата
Ако е потребно застанување – едно лице нека остане во автомобилот.
5. Користете безбедни паркинзи
Чувани паркинзи и гаражи значително го намалуваат ризикот од кражби во моторни возила.

Но ако сепак се случи кражба…

1. Во случај на обивање, не допирајте ништо во возилото.
2. Веднаш пријавете во полиција на бројот 100.
3. Побарајте официјален полициски извештај!
4. Контактирајте банка за блокада на украдените картички.
5. Пријавете во осигурителна компанија во која претходно сте направиле т.н. патничко осигурување.
6. Во случај на кражба на патна исправа (пасош), задолжително контактирајте наше дипломатско-конзуларно претставништво (амбасада), чиј телефон би требало да го имате со вас и пред туристичкото патување. Н.М.