Фото: КФМ

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКИ МЕЧЕВИ

  • Со победа против Ирска ќе го обезбедиме првото место во групата и затоа мора да се подготвиме најдобро што можеме, вели репрезентативецот Јакимовски

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија влегува во завршниот дел од подготовките за последните два натпревара во претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Пред избраниците на македонскиот селектор Жозе Мариа Берокал се натпреварите со селекциите на Ирска и на Луксембург, кои ќе ја одредат конечната позиција на табелата во групата А. Македонската репрезентација е на чекор до обезбедување на првото место, а целта е со нови победи да се потврдат лидерската позиција и пласманот во главната квалификациска фаза иако и со една победа е загарантирана првата позиција. Македонскиот национален тим полека се комплетира, а од вторникот на подготовките во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје е и Андреј Јакимовски.
Репрезентативното крило очекува тежок натпревар против Ирска, но верува во квалитетот и подготвеноста на македонскиот состав.
– Нѐ очекува еден од најбитните натпревари досега. Со победа против Ирска ќе го обезбедиме првото место во групата и затоа мора да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме нов играч во репрезентацијата, хемијата во тимот е добра и останува на нас да победиме – вели Јакимовски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Ирска ќе пристигне во Скопје со променет состав, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред оваа средба.

– Ќе биде тешко, затоа што Ирците доаѓаат со нова екипа, со пет-шест нови играчи. Не знаеме колку се тие добри играчи и како играат, но останува на нас да го добиеме натпреварот – потенцира македонскиот репрезентативец.
За разлика од претходниот февруарски циклус, македонската репрезентација овојпат има повеќе време за подготовка и за запознавање со барањата на новиот стручен штаб.
– Имаме доволно време да се запознаеме со она што го бара селекторот, со неговиот систем и начин на работа. Тренираме напорно секој ден и засега работите одат одлично – додава Јакимовски, пренесе КФМ.
Пред официјалните натпревари од ФИБА-циклусот, вчера беше планирано Македонија да одигра уште една контролна средба против Бугарија во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Главниот предизвик, сепак, е дуелот со Ирска на 2 јули, по што три дена подоцна следува гостувањето во Луксембург, кој е и последниот натпревар од овој циклус претквалификации за пласман на главните квалификации за ЕП 2029. Г.И.