Фото: ЕПА

СП 2026

  • Тој стана петтиот член на ексклузивниот клуб Бразилци што постигнале гол на сите три натпревари од групната фаза и првиот што го сторил тоа по Роналдо и Ривалдо во 2002 година

Винисиус Жуниор ги замолчи критичарите со уште два гола, а вкупно четири на Светското првенство (СП) 2026 за репрезентацијата на Бразил. Бразилската фудбалска ѕвезда знаеше што велат неговите критичари пред ова СП, дека едноставно не може да постигнува голови на најголемата фудбалска сцена како што може во шпанскиот клуб Реал Мадрид. Тој очигледно не слушаше. Винисиус сега има четири гола на ова СП, а само Лионел Меси, со пет, има повеќе. Бразилецот постигна два во средата навечер во победата на неговата репрезентација со 3-0 над Шкотска, пишува „Асошиејтед прес“ .
– Верувам дека ќе се подобрам за талентот што го имам. Бев сигурен дека во вистинскиот момент повторно ќе блеснам во дресот на бразилската репрезентација – задоволно изјави Винисиус.
Тој не погреши и сега е израмнет на второто место со Килијан Мбапе од Франција и Ерлинг Холанд од Норвешка во трката за „Златната копачка“, а веднаш зад Аргентинецот Лионел Меси.

– Ништо не е подобро од враќање на Светското првенство, на местото каде што отсекогаш сонував да бидам. Да можам да го претставувам моето семејство, мојата земја Бразил – категоричен е Винисиус.
Тој исто така стана петтиот член на ексклузивниот клуб Бразилци што постигнале гол на сите три натпревари од групната фаза и првиот што го сторил тоа откако Роналдо и Ривалдо го направија истото во 2002 година.
– Секогаш имаше моменти кога не можев да го покажам моето фудбалско знаење – вели Винисиус, пренесе „Асошиејтед прес“.
Бразилскиот тренер Карло Анчелоти го тренираше Винисиус во Реал Мадрид од 2021 до 2025 година. Додека го водеше Винисиус на патот кон глобална слава, Анчелоти, кого Винисиус го нарекува најдобар тренер во светот, освои две лиги на шампиони, две титули во Ла лига и еден Куп на кралот во тој период. Во 39 натпревари за Бразил под водство на претходните тренери, Винисиус постигна само шест гола, а во само 13 меча под водство на Анчелоти, тој седум пати ја затресе противничката мрежа.

– Немав никаква дилема во мојот ум колку далеку или добро стигнал до ова Светско првенство. Тоа што игра за репрезентацијата го прави среќен. Тој врши брилијантна работа – вели Анчелоти за бразилскиот ас.
По неговиот гол против Хаити во вториот натпревар на Бразил на ова СП, Винисиус се пошегува дека треба повеќе да го слуша Анчелоти.
– Сигурно кога ќе стигнеме во соблекувалната, тој ќе каже дека знае многу за фудбалот – со насмевка рече Винисиус.
Но и Винисиус знае. И ветува дека ќе стане уште подобар.
– Исто така, ќе еволуирам и ќе се подобрувам во натпреварувањето. Со тоа и надежта само се зголемува меѓу нас, нашите навивачи и меѓу нашето семејство – додаде Винисиус, пренесе „Асошиејтед прес“. Г.И.


Јужна Африка – Канада е првата нокаут-двојка

Позната е првата сигурна нокаут-двојка на СП 2026, а тоа е натпреварот меѓу Јужна Африка и Канада, селекции што за првпат во својата историја успеаја да ја минат групната фаза на СП, додека Канада го стори тоа како еден од домаќините. Мечот ќе се одигра на 28 јуни во Инглвуд, во близината на Лос Анџелес во 21 часот по средноевропско време. Речиси е извесно дека во нокаут-фазата ќе се сретнат уште САД и БиХ. Според моменталниот расплет, овој меч би се играл на 1 јули во 3 часот по средноевропско време.

Без резултатите од вчерашниот вечерен натпреварувачки ден, досега во нокаут-фазата се пласираа: Мексико, Јужна Африка, Швајцарија, Канада, БиХ, Бразил, Мароко, САД, Германија, Франција, Норвешка, Аргентина и Колумбија.
Канаѓаните, кои за првпат се пласираа во нокаут-фазата на едно СП, се домаќини со најмал број освоени бодови (четири) што одат понатаму, рамо до рамо со САД на СП 1994. Гилермо Очоа, пак, влезе во игра во самиот финиш од мечот Мексико – Чешка, станувајќи само трет фудбалер во историјата со настапи на шест различни мундијали. Другите двајца се славните Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Г.И.


Мексиканците влегоа во историјата на СП

Фудбалската репрезентација на Мексико стана само шеста во историјата на СП што ги постигна сите три победи во групната фаза без примен гол. Во групата А, Мексико ги совлада Јужна Африка (2-0), Јужна Кореја (1-0) и Чешка (3-0), со што влезе во историјата на СП.
Тоа им успеало уште на Холандија (1974), Бразил (1986), Италија (1990), Аргентина (1998) и на Уругвај (2018), кои ја завршија групната фаза со максимален ефект и без примен гол, пред да го стори тоа Мексико.


Моментно осум најдобропласирани трети селекции

БиХ 4 бода
Швајцарија 3
Хрватска 3
Јужна Кореја 3
Алжир 3
Парагвај 3
Шкотска 3
Зелено’ртски О. 2