Употребата на антибиотици во земјава е намалена, додека меѓу најкористените лекови и натаму се метформинот, пантопразолот и дијазепамот, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на денешниот брифинг со новинарите.
Според податоците на ФЗО, во периодот од 2023 до 2025 година е регистриран раст од 34 проценти во потрошувачката на лекови, пред сѐ поради воведувањето на нови и поскапи терапии, како и значителното зголемување на средствата за лекови што се набавуваат преку условните буџети.
Клековски посочи дека за првпат е забележано намалување на употребата на антиинфективни лекови и антибиотици за три проценти, како по број на издадени рецепти, така и по финансиски износ.
Во рамки на Позитивната листа биле издадени околу 27 милиони рецепти, што претставува раст од осум проценти во однос на претходниот период. Најголем дел од средствата биле наменети за лекови за срце, крв и крвни садови.
Особено е забележан раст кај т.н. условни буџети, односно лековите за онколошки пациенти, ретки болести и автоимуни заболувања. Според Клековски, зголемувањето на средствата овозможило да се елиминираат листите на чекање за повеќе категории пациенти, меѓу кои и лицата со цистична фиброза, мултипла склероза и деца кои примаат хормон за раст.
ФЗО најави и воведување на нови лекови на Позитивната листа, како и проширување на достапноста на антикоагуланси во аптеките од 1 јули.
Меѓу приоритетите за наредниот период се воведувањето на електронски рецепт за акутни терапии, поголема контрола на издавањето лекови и спречување на злоупотребите во системот.
Клековски посочи дека електронскиот рецепт треба да помогне во откривање на двојни наплати и други неправилности, како и да придонесе за порационално користење на лековите.
Според податоците на Фондот, најпрепишуван лек и натаму е метформинот, кој се користи за третман на метаболни нарушувања, по што следуваат пантопразолот, дијазепамот и еналаприлот.
Со ребалансот на Буџетот е предвидено и зголемување на средствата за ФЗО за повеќе од една милијарда денари, при што најголем дел ќе бидат наменети за исплата на породилни надоместоци.



































