Повеќе од 100 милиони луѓе во Европа денеска ќе бидат изложени на екстремно високи температури над 35 Целзиусови степени, додека над 380 милиони жители ќе се соочат со температури повисоки од 30 степени, покажуваат анализите на француската новинска агенција АФП, пренесува Хина.
Според пресметките, најмалку 101 милион луѓе на континентот ќе бидат погодени од жештини над 35 степени. Најголем дел од нив се во Франција, каде што повеќе од 50 милиони жители се очекува да бидат изложени на вакви температури, додека во Германија бројката достигнува околу 18 милиони.
Вкупно, речиси две третини од европското население ќе почувствуваат температури над 30 степени во текот на денот.
Анализата е изработена врз основа на прогнозите на Германската метеоролошка служба и проекциите за населението за 2025 година на Заедничкиот истражувачки центар на Европската унија, а се совпаѓа и со податоците на австриската организација „Климадашборд“.
Во споредба со претходните прогнози, бројот на луѓе изложени на температури над 35 степени е зголемен. За средата беше проценето дека вакви жештини ќе погодат околу 94 милиони жители.
Најтешко погодена останува Франција, каде што околу 63 милиони луѓе ќе се соочат со температури над 30 степени, а кај 53 милиони од нив се очекува термометрите да покажат повеќе од 35 степени.
Високи температури се прогнозирани и за Германија, каде над 70 милиони луѓе ќе бидат изложени на повеќе од 30 степени, како и за Италија со 48 милиони и Обединетото Кралство со 38 милиони жители.
Топлотниот бран силно ќе ги погоди и Белгија, Луксембург, Холандија, Полска, Унгарија, Чешка и Хрватска, додека метеоролозите предупредуваат на зголемен ризик од здравствени проблеми, суши и пожари поради екстремните временски услови.


































