Оман денеска соопшти дека нема да воведе такси за премин низ Ормуската Теснина, повлекувајќи ги претходните најави за можни надоместоци поврзани со управувањето на еден од најважните светски поморски коридори.
Министерот за надворешни работи на Бадр ал Бусаиди изјави дека идните договори поврзани со Ормуската Теснина нема да предвидуваат наплата на такси за премин на бродовите, пренесе „Ројтерс“.
Изјавата беше дадена за време на состанокот во Манама меѓу министрите за надворешни работи на земјите од Персискиот Залив и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Рубио повторно ја истакна позицијата на Вашингтон против воведување надоместоци за премин низ Ормуската Теснина, предупредувајќи дека таков потег би можел сериозно да го наруши глобалниот поморски сообраќај и трговија.
Ормуската Теснина е еден од најважните енергетски коридори во светот, преку кој секојдневно се транспортира значителен дел од глобалниот извоз на нафта и природен гас. Поради тоа, секоја најава за ограничувања или дополнителни трошоци за пловидба предизвикува внимание кај меѓународните пазари и енергетскиот сектор.
Со денешната порака од Оман се намалуваат стравувањата од можни дополнителни тензии и нарушувања на трговските текови во регионот на Персискиот Залив.


































