Дискотеката „Пулс“ во Кочани започнала со работа и покрај тоа што не ги исполнувала минималните технички услови, посочи Обвинителството на денешното рочиште во судскиот процес за трагичниот пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во судницата во КПУ „Идризово“ беа презентирани докази обезбедени од Министерството за економија и труд, односно од Секторот за туризам и угостителство, кои според Обвинителството се однесуваат на околностите под кои објектот започнал да функционира.
Со изведување на доказите започна обвинителката Наташа Сарамандова, но постапката ја продолжи друг обвинител откако одбраната поднесе барање за нејзино изземање. Како причина беше наведено „пристрасно постапување при презентација на доказите и исклучување на елементи кои се од суштинско значење“.
За барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.
По поднесувањето на барањето, родителите на загинатите млади лица во знак на револт доброволно ја напуштија судницата.
Мајката на загинатиот Томас, Јулија Златкова, изјави дека обвинителката Сарамандова и обвинителот Дарко Јакимовски ја имаат довербата на семејствата на жртвите.
„Тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дека јавноста ќе дознае кој е одговорен за смртта на нашите деца“, рече Златкова.
Александар Наунов, кој исто така ги претставува ставовите на дел од семејствата, оцени дека наместо фокусот да биде на суштината на доказите, сè почесто вниманието се пренасочува кон процедурални прашања.
– Бараме само доказите да се изведат до крај и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите – изјави Наунов.
На почетокот на рочиштето Судот изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов, кој беше еден од обвинетите во предметот. По известување од Министерството за внатрешни работи, беше соопштено дека кривичната постапка против него се запира.
Следното рочиште е закажано за 1 јули, кога Обвинителството ќе продолжи со изведување материјални докази поврзани со работењето на Државниот пазарен инспекторат, како и со листинзи од телефонски комуникации.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на државата.





































