Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изрази уверување дека Македонија ќе ги исполни обврските од реформската агенда во предвидениот рок и ќе биде меѓу најуспешните земји во регионот според јунската оценка на Европската комисија.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Мицкоски изјави дека Владата ги финализира последните усогласувања на реформските закони и индикатори, по што очекува позитивна оценка од Брисел.

  – Убеден сум дека ќе влеземе како првопласирани. Денеска ги завршуваме последните усогласувања, а утре очекуваме дополнителен исчекор и во Собранието – рече премиерот.

Тој апелираше до пратеничките групи да покажат конструктивност и да го поддржат Изборниот законик, кој ги содржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР, оценувајќи дека неговото усвојување е важен чекор во реформскиот процес.

Мицкоски најави дека следната недела Владата ќе одржи брифинг со евроамбасадорите во земјава, а воедно им се заблагодари на институциите, пратениците и претставниците на Европската комисија за ангажманот во спроведувањето на реформите.

Премиерот информираше и дека дел од земјите од Западен Балкан не ги искористиле средствата предвидени во рамки на реформската агенда, поради што постои можност Македонија да добие дополнителни финансиски средства.

 – Неофицијално сме информирани дека поради успешната реализација на реформите може да добиеме зголемен буџет. Конечната одлука се очекува на почетокот на јули – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека за земјава се предвидени околу 750 милиони евра преку реформската агенда, распределени како буџетска поддршка, грантови за проекти и поволни кредити кои би почнале да се отплаќаат од 2032 година.

Осврнувајќи се на дебатите за уставните измени и човековите права, Мицкоски нагласи дека оценките за почитувањето на човековите права треба да се темелат на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а не на политички ставови.

Според него, прашањето за уставните измени не треба да се поистоветува со темата за човековите права, бидејќи станува збор за различни процеси кои не треба политички да се мешаат.