На Универзитетската клиника за урологија во Скопје е презентирана нова современа метода ctDNA (циркулирачка туморска ДНК), која овозможува откривање на микроскопски траги од тумор во крвта, дури и кога дијагностичките методи како компјутеризирана томографија и магнетна резонанца не покажуваат промени, соопштија од Клиниката преку објава на социјалните мрежи.
Методата се заснова на анализа на ctDNA, која претставува современ пристап во онкологија и овозможува попрецизно следење на пациентите и откривање на минимални траги од болеста.
Од Универзитетска клиника за урологија Скопје посочуваат дека особено значајни резултати се забележани кај пациенти со карцином на мочниот меур, каде раното откривање на можен рецидив може да придонесе за подобри терапевтски исходи.
Иако тестот сам по себе не претставува дијагностичка алатка, тој се користи како дополнителен инструмент за персонализирано следење на пациентите.
Од Клиниката нагласуваат дека иднината на онкологијата е во персонализираната медицина – пристап кој овозможува вистински третман за вистински пациент во вистинско време.
































