Фото: МИА

Четириесет и петгодишен жител на Скопје е приведен во Крива Паланка под сомнение дека се обидел да изврши кривично дело измама, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од полицијата, случајот започнал кога непознато лице телефонски контактирало повозрасна жена од Крива Паланка, претставувајќи се како лекар од Италија. На жената ѝ било кажано дека нејзината ќерка доживеала несреќа во Италија и се здобила со повеќе скршеници на ногата и вилицата.

Лажниот лекар побарал 35.000 евра за итна операција, но откако жената објаснила дека нема толку пари, било договорено да ги предаде сите средства што ги имала во својот дом.

Сепак, пред да ги предаде парите, таа го контактирала својот зет, кој ја советувал веднаш да ја извести полицијата. По преземените мерки, полициски службеници го затекнале и привеле осомничениот во близина на нејзиниот дом.

Лицето било задржано во полициска станица, а од МВР најавија дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.