Осврт кон книжевното дело на великанот Петре М. Андреевски по повод 92-годишнината од неговото раѓање
- Денешната 92. годишнина од раѓањето на Андреевски – на 25 јуни 1934 година во демирхисарското село Слоештица – е нова можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и за одбрана на македонската национална самобитност
Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо, што е наше. Презирајте ги оние, кои ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Презирајте ги сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Ние, Македонците, сакаме да ја пишуваме таа историја само со своето македонско писмо и само со својата македонска вистина! Ова го кажа уште во 2003 година генијалниот книжевен растајнувач на македонската национална судбина, Петре М.Андреевски, во својот „Македонски манифест“. Овие зборови се негово вонвременско послание, но и завештание до сите македонски поколенија да ја бранат својата автентична македонска национална историја од сите оние што ја искривуваат, што ја фалсификуваат и што сакаат дури и да ја присвојат, како Бугарите со нивните самоизмами за наводната „заедничка историја“ на македонскиот и бугарскиот народ. Денешната 92. годишнина од раѓањето на Андреевски – на 25 јуни 1934 година во демирхисарското село Слоештица – е нова можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и за одбрана на македонската национална самобитност.
Андреевски дејствува како совест на македонскиот народ и чувар на вистината
Андреевски дејствувал, а и натаму дејствува, како критичка свест и совест на македонскиот народ, како чувар на вистината, бранител на македонскиот национален идентитет и на нашата самобитност. Тој е толкувач и пророк на македонската иднина, моќен придонесувач кон македонската национална меморија.
– Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме – рекол Андреевски за јазикот македонски, на кој творел.
Великиот македонски книжевен деец ја отсликува суштината на јазикот како чувар на нашиот идентитет, на нашата колективна меморија и самото наше постоење како народ.
„Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест!“
Стоејќи и по својата смрт веќе трајно на браникот на опстојбата на македонскиот народ и држава, македонскиот книжевен великан Андреевски, исто како и Солженицин, ќе им упати преку својот „Македонски манифест“ порака и на сегашните Македонци да се борат против лагите и насилството врз нив, оти можат да ги победат, штитејќи ги својата свест и татковина.
– Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! Ние сме избраниот народ, кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме. Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така ќе ја видиме Македонија обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме – порача вдахновено Петре М.Андреевски пред 23 години во својот „Македонски манифест“.
Затоа тој „Македонски манифест“ е во апсолутна смисла послание на овој книжевен гениј и национален мислител можеби и посебно до ова македонско поколение да им се спротивстави на сите угрози на опстојбата на Македонија, на македонската нација, на сите угрози и закани кон македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата.
„Да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба“
Денес, кога не само Бугарите туку и други политички моќници од Европа, запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати, да го менуваат Уставот на Македонија, со сесрдна помош на редица нивни послушници, во функција на туѓи антимакедонски агенди, вредно е да се потсетиме што посочил Петре М. Андреевски уште во октомври 1993 година, во интервју за тогашниот неделник „Пулс“, во врска со тоа што е најпотребно да се прави во такви мигови на притисоци врз Македонија: „Наместо да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми, во кои е вклучена и нашата земја. Ние сме народ, кој е најподложен да се уништува себеси, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, и во исто време нѐ посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе. Во нас сѐ уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење. Слободата се остварува и во тоа колку сме готови да ја браниме и од нашите слабости. Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како ’Новоосвоени територии’. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија е и библиска земја, таа е постара и од Европа“.
„Македонскиот народ е како пирејот – неуништлив“
Во 2000 година, во интервју за „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, големиот македонски писател и патриот ќе истакне: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“ Во својот култен „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, кој е вистински споменик на македонската национална бит, Андреевски ја втиснува за навек во македонската книжевност и колективното национално помнење монументалната симболика и споредба на непокорливоста на македонскиот народ со неуништливоста на пирејот: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. …Племето наше е пиреј и не го крши ниедна војска, ниедна болест“.
Пишувајќи во овој роман за животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и за нивните страдања за време на војните, Андреевски ги разработува и ги изнесува на маестрален начин својата основна идеја и порака дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува, наспроти сите премрежиња и тешкотии низ витлите на времињата и невремињата.
Книжевните зборови на Андреевски се споменици на македонската кауза и сведоштва за вистината за Македонците
Во својата прочуена песна и истоимена стихозбирка „Дениција“, Андреевски ја опејува својата неизмерна љубов кон Дениција, со фигуративно посочување на ѕвездата Деница. Во патриотски стил Андреевски во одредени моменти во голема мера ја поврзува љубовта кон Дениција со својата љубов кон татковината, што предизвикува дилема: дали неговата првична намера е да ја опее својата љубов кон некоја жена, или, всушност, тој за сето време ја возвеличува својата татковина Македонија. Показ за веројатноста на оваа констатација се и овие три стиха од споменатата стихозбирка: „Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава. / Во тебе беа границите на Целокупна Македонија / И јас дури те љубев ја љубев сета татковина“.
Петре М. Андреевски e еден од најдаровитите и најпопуларни македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Во 1983 година бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Починал на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија. Неговото книжевно творештво е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во 1984 и 2002 година биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Тој ги напишал романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003) и „Бежанци (посмртно). Во делото на Андреевски се наредуваат стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999). Потоа, збирките на раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“ (1994) и „Боеми“ (посмртно). Од перото на овој македонски книжевен деец излегле и стихозбирките за деца: „Шарам барам“, „Касни – порасни“ (сликовница), како и книгата со драми (1984), во која влегуваат „Време за пеење“ и „Богунемили“.
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Македонската критика го прогласи романот „Пиреј“ за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на вселенската љубов, химна на жената и татковината и како златна книга на македонскиот модернизам.
Свето Тоевски


































