Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува денеска во судницата во „Идризово“, каде Обвинителството ќе продолжи со изведување материјални докази во предметот што ја потресе јавноста.
Во досегашниот тек на постапката беа презентирани документи поврзани со инспекциските надзори што ги спроведувала Општина Кочани, вклучително и извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори и документација од заеднички теренски контроли. Пред судот беа изнесени и годишни програми, квартални планови за инспекциски надзори и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, пренесе МИА.
Обвинителството приложи и докази поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, меѓу кои дозвола за работа, планови за обезбедување на објектот, листи на вработени и материјали обезбедени при претреси.
Во фокусот на доказната постапка се најдоа и сопственичката и правната историја на објектот во кој функционирала дискотеката, како и документација за неговиот статус според урбанистичките планови. Беа презентирани барања за легализација, записници од инспекциски надзори, договори за закуп и други документи прибрани по пожарот.
Меѓу доказите беа прикажани и фотографии од внатрешноста на дискотеката по реновирањето, пронајдени во телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов. Според Обвинителството, за дел од извршените интервенции во објектот не постои официјална документација.
Дополнително, беа презентирани документи од Општина Кочани кои укажуваат на претходно утврдени неправилности. Според нив, објектот со години бил користен како дискотека иако поседувал одобрение за лесна индустрија и немал соодветна пренамена за угостителска дејност.
Одбраната, пак, останува на ставот дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и побара тие да не бидат земени предвид во постапката.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави една од најтешките несреќи во поновата историја на земјата.



































