СП 2026
- Серијата голови на Роналдо на светските првенства почна уште на неговото деби во 2006 година, кога постигна еден гол, а потоа погодуваше и на мундијалите во 2010 (еден погодок), 2014 (еден), 2018 (четири), 2022 (еден) и во 2026 година (два по две кола)
Кристијано Роналдо имаше едноставна, но силна порака по првата победа на Португалија на годинашното фудбалско Светско првенство (СП) во вторникот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). „Се вратив“, рече тој директно пред телевизиската камера. Роналдо стана првиот фудбалер што постигнал голови на шест светски првенства, постигнувајќи два погодока во победата на Португалија на дуелот со Узбекистан со 5-0, смирувајќи ги критичарите по ремито 1-1 со ДР Конго во првиот натпревар.
– Но секогаш е така. Не е важно, бидејќи поминаа 23 години работа и кога работите одат добро, „Кристијано е добар“, кога работите одат лошо, „Кристијано е пензиониран играч, стар е“. Секогаш ќе биде така. Но денес добро одговоривме, јас и моите соиграчи, а тоа е она што го сакавме – рече тој, пренесе АП.
Роналдо влезе во историјата во шестата минута кога Жоао Кансело му ја нафрли топката, а тој шутираше со десната нога за резултат од 1-0. Тој истрча кон клупата и славеше со своите соиграчи. Роналдо беше прогласен за играч на натпреварот поради неговиот настап, најнов од многуте во неговата неверојатна кариера. Селекторот на Португалија, Роберто Мартинез, ги фали професионализмот и сталоженоста што ги покажа Роналдо неделава, по повиците од надворешни лица да го стави на клупата, пишува АП.
– Тој е човечко суштество. Дозволено му е да има емоции. Дозволено му е да има чувства. Она што е импресивно кај него е одговорот. Што и да чувствува, одговорот е да се врати на тренинг, да тренира, да работи и да бара од себе. Тој професионализам е она што доведе до долговечноста – рече Мартинез, пренесе АП.
Головите во вторникот го прават втор највозрасен играч што постигнал гол на светско првенство, зад камерунскиот напаѓач Роже Мила, кој постигна погодок на 42 години на СП 1994 во САД.
Серијата голови на Роналдо на светските првенства почна уште на неговото деби во 2006 година, кога постигна еден гол, а потоа погодуваше и на мундијалите во 2010 (еден погодок), 2014 (еден), 2018 (четири), 2022 (еден) и во 2026 година (два по две кола).
Роналдо и капитенот на репрезентацијата на Аргентина, Лионел Меси, неодамна станаа единствените фудбалери што играле на шест светски првенства, пишува АП. Н.М.
Пет фудбалери ги треселе мрежите на барем четири мундијали
Вкупно пет фудбалери постигнуваа голови на најмалку четири светски првенства, а Кристијано Роналдо (Португалија) стана првиот со затресена мрежа на шест мундијали. Тој постигна по еден погодок на СП во 2006, 2010, 2014 и во 2022 година, потоа четири на првенството во 2018 година и два по две кола на СП годинава.
На таа необична голгетерска листа е и, на пример, Лионел Меси, кој постигна голови на пет планетарни шампионати (на СП во 2006 и во 2018 година по еден гол, на СП 2014 четири, на СП 2022 седум и на СП 2026 пет по две одиграни кола). На по четири светски првенства во листата на стрелците за запишаа Пеле (Бразил, на СП 1958 шест, на СП во 1962 и во 1966 година по еден и на СП 1970 четири погодока), Уве Зелер (Германија, на СП во 1958, 1962 и во 1966 година по два и на СП 1970 три) и Мирослав Клосе (Германија, на СП во 2002 и во 2006 година по пет, на СП 2010 четири и на СП 2014 два). Од нив само Клосе на соодветното светско првенство бил и најдобар стрелец на шампионатот, во 2006 година. Н.М.
СТРЕЛЦИ НА НАЈМНОГУ СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА



































