Фото: „Нова Македонија“

Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога ЕУ-државите, нивните институции и политичките елити ќе бараат нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет (2)

Уште на 22 јануари годинава во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос, германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека не смее да се прифаќа пасивно моментната геополитичка реалност сега кога забрзано се урива меѓународниот поредок.
– Ние не сме му подредени на овој свет. Можеме да го формираме со нашата сила. Мора да ја користиме нашата сопствена сила – порача Мерц тогаш, нагласувајќи дека државите не треба да му бидат подредени никому, туку да го штитат својот суверенитет и со сопствената сила да ја обликуваат самите својата иднина.
Овие ставови на Мерц се апсолутно применливи и во случајот на Македонија: не смеат ниту Македонија, ниту македонскиот народ и другите граѓани да прифаќаат подреденост кон Бугарија, кон ЕУ и кон нејзините институции. Македонија и македонскиот народ заедно со сите други македонски граѓани треба да ја користат сопствената сила заради заштита на својот суверенитет и градење иднина спротивна на онаа што ја кројат Софија и Брисел, диктирајќи евроинтеграциски ултиматуми и неприфатливи барања за прекројување на македонскиот етнојазичен и идентитетско-историски комплекс преку промената на македонскиот устав.
Сега веќе водечката германска партија и на национално ниво Алтернатива за Германија и нејзината лидерка Алис Вајдел од поодамна се чекор понатаму и од споменатите јануарски позиции на Мерц, а сега во јуни можеби и за два чекора понатаму. Додека Мерц се залага за посилна Германија и Европа во рамките на постојната ЕУ, АфД со своите програмски документи и Алис Вајдел со своите јавни и парламентарни истапувања бараат натамошна заштита и јакнење на германскиот суверенитет и одат чекор подалеку. Најновите партиски документи на АфД и настапи на Вајдел покажуваат континуитет и дополнително нагласување на темите од најголемо значење за нив: националниот суверенитет, ограничувањето на надлежностите на Брисел и заштитата на националниот германски идентитет, олицетворен во Германија како национална држава на германскиот народ.
На официјалниот портал на пратеничката група на АфД е објавена видеопорака со наслов: „Националната држава е незаменлива!“ Ова е и порака упатена до Брисел, не само како најава кон што ќе се стреми АФД, ако во скоро време го преземе кормилото на германската држава. Тоа е и принципиелна одбрана на Германија како национална држава во меѓународните односи со сите свои основни белези: германски јазик, историја, култура и германски национален идентитет, што ги разликува Германците од другите европски народи. Особено е укажувачки насловот „ЕУ е закана за слободата на говорот во Европа“ на програмата на Демократскиот конгрес, кој го организира пратеничката група на АфД во Бундестагот на 26–27 јуни. Како што е најавено, Алис Вајдел ќе проговори за ЕУ и обопштено „како извор на закани“.

Ова се важни пораки и за Македонија, кои доаѓаат од една од неколкуте најважни држави во Европа: штом се стремат Германците кон заштита на својот национален идентитет и суверенитетот на Германија како нивна национална држава со сите идентитетски белези, меѓу кои и историјата и јазикот, дали немаат право и дали не можат да се стремат и Македонците кон заштитата на својот македонски национален идентитет, јазик и историја?
Во моментов водечката германска партија АфД ја доживува ЕУ како извор на закани за нивната држава. Како треба Македонија и македонскиот народ да ја доживуваат резолуцијата на Европскиот парламент, една од најважните институции на ЕУ, со која се бараат „опипливи резултати“ во градењето „заедничка историја“ со Бугарија?! Како да се доживува оваа резолуција, со која се бара и спроведување на злогласниот втор протокол, чија единствена цел е бугаризација на сѐ што носи предзнак македонско: од историја, јазик, до идентитетот на македонскиот народ?

Швајцарците не сакаат да ги изгубат националниот идентитет и швајцарскиот
карактер на својата земја, ниту сопствената политичка контрола врз неа

Сега, кога Македонија се соочува со вистинска политичка агресија од Софија и Брисел да ги внесе „државотворните Бугари“ во Уставот, што би значело најшироко отворање на вратите за целосна бугаризација на македонскиот етнојазичен и идентитетско-историски комплекс, во спротивставувањето кон овие погубни антимакедонски процеси треба да се применуваат најновите лекции, кои доаѓаат и од Швајцарија. Во оваа држава на 14 јуни се одржа најновиот референдум под мотото „Не за Швајцарија со 10 милиони жители“. Со таа иницијатива, поддржана од Швајцарската народна партија, се бараше населението на Швајцарија да не надмине 10 милиони жители до 2050 година и за таа цел да се воведат ограничувања во доселувањата. Референдумот не успеа, но го поддржаа 45 проценти од швајцарските гласачи.
За нив прашањата за доселувањата, демографскиот раст, но и за заштитата на националниот идентитет и натаму остануваат меѓу најважните теми во швајцарската политика. Оваа референдумска иницијатива директно е поврзана и со прашањата на швајцарскиот национален идентитет и зачувувањето на швајцарскиот карактер на државата. Иако споменатата партија внимателно ја претставуваше иницијативата како прашање на одржливост на швајцарската држава, многу нејзини поддржувачи ја гледаа и ја поддржуваа како одбрана на швајцарскиот идентитет.
Челниците на Швајцарската народна партија постојано нагласуваа пред референдумот, но и по него, дека „мора да се зачува швајцарскиот начин на живот“. Во своите јавни истапувања тие предупредуваа: „Швајцарија не смее да стане земја во која домашното население ќе ја загуби политичката контрола врз сопствената држава!“
Значи, Швајцарците не сакаат да ги изгубат својот национален идентитет и швајцарскиот карактер на својата земја, ниту сопствената политичка контрола врз неа! Исто како Швајцарците, така и Македонците не сакаат да ги изгубат својот македонски национален идентитет и македонскиот карактер на својата земја во замена за европски перспективи, кои сега се сведуваат на „безгласно членство“ во втората европска лига?! Ама и тоа е остварливо само под услов да се прифатат сите софиско-бриселски уцени, диктати и ултиматуми, на кои никогаш би им немало крај. Како противтежа и штит наспроти тие уцени, диктати и ултиматуми, покрај натамошното спроведување на реформската агенда, македонската евроинтеграција треба да се преосмисли и во насока на поврзување со споменатите иницијативи, програми и јавни барања низ новата суверенистичка Европа, за кои националните идентитети се врвен приоритет.
Околу лекциите што ги испраќа швајцарскиот референдум, иако неуспешен, и за Македонија, ги наведуваме и најважните согледувања од научниот труд „Глас за изолација? Што значи за Европа референдумот на швајцарското население?“ на д-р Адријан Фаверо, кој е објавен на 10 јуни 2026 година на интернет-страницата на Лондонската школа за политика и економија. Фаверо е професор по европска политика и експерт за евроинтеграција од Универзитетот во Гронинген, Холандија.
Фаверо укажува дека „швајцарскиот референдум испраќа сигнал далеку надвор од границите на Швајцарија“.
– Оваа политички експлозивна референдумска иницијатива е претставена не само како алатка против миграцијата туку и како одбрана на националниот суверенитет и идентитет. Затоа, таа не е само швајцарска работа. Тоа е пример за поширок европски тренд – посочува овој европски експерт.
Тој наведува уште една цел за која се изјаснуваа Швајцарците.
– Референдумот претставуваше изјаснување и дали Швајцарија да остане отворена земја во срцето на Европа или да се претвори во политичка тврдина во однос на соседните држави и од ЕУ, за да ја обезбеди својата иднина првенствено преку изолација – заклучува Адријан Фаверо во својот научен труд.
Референдумското изјаснување во најстабилната и најнапредна по начин на живот европска држава на 14 јуни не успеа, но останува фактот дека 45 проценти од швајцарското население гласаа, како што вели Фаверо, „Швајцарија да се претвори во политичка тврдина во однос на соседните држави и од ЕУ, за да ја обезбеди својата иднина“! Затоа мора да се запрашаме може ли и Македонија да остане отворена земја во срцето на Балканот и во Европа, но едновремено и да се претвори во своевидна „политичка тврдина што не може да се урне“ контра обидите на соседните држави за оспорување на македонскиот идентитет, што е сега првенствена цел на Софија?!


Брунбауер: Нема да престанат мечтите на Бугарија, ниту „играта влегување во ЕУ“ на Македонија!

Уште во 2023 година во својот научен труд „Странични ефекти од ‘фантомските болки’: како бугарската историска митологија го попречува пристапувањето на С. Македонија во ЕУ“, австрискиот историчар д-р Улф Брунбауер, професор од Универзитетот во Регенсбург, Германија, предупреди дека е во тек „играта влегување во ЕУ“, која се води со Македонија. Овој историски експерт кристално јасно аргументираше дека преку водењето на таа игра за божемно влегување на Македонија во ЕУ, како што напиша, „всушност, Софија ги киднапира македонските евростремежи за да го оствари своите мечти за ‘санстефанска Бугарија, бидејќи никогаш не престанаа нејзините фантомски болки уште од 1878 година за македонската територија, јазик и идентитет“.
– Бугарија ги негира посебноста на идентитетот и историјата на македонскиот народ и води брутална војна на агресија и културно уништување. Бугарскиот иредентизам го доведува во прашање постоењето на македонскиот народ. Националистичката патологија на Бугарија стана официјална политика на ЕУ, но таа не плаќа никаква цена поради своето попречување на Македонија, иако ги поткопа и приоритетите на ЕУ – заклучи Улф Брунбауер во својот научен труд, што е негово поткрепување на констатацијата дека се бесмислени евентуалните бриселско-софиски гаранции за Македонија. 

Свето Тоевски

(крај)