Фото: Приватна архива

Младата пијанистка Јана Алексовска вчеравечер одржа солистички концерт во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје.
Алексовска, ученичка во прва година во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, во класата на м-р Билјана Данилова-Танасковиќ, пред публиката се претстави со богата и стилски разновидна програма, во која беа застапени дела од Јохан Себастијан Бах, Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Благој Цанев и Франц Лист.
Како гостинка на концертот настапи и младата виолинистка Хатиџе Салиева, ученичка во осмо одделение во истото училиште, во класата на професорот Аспарух Конески, во пијано придружба на Ива Виденовиќ. Таа изведе дела од Џовани Батиста Виоти и Хенрик Виенјавски.

Фото: Приватна архива

Јана Алексовска е родена во Скопје во 2010 година, а своето музичко образование го започнала на осумгодишна возраст. Досега има настапувано на бројни домашни и меѓународни натпревари и фестивали. Концертот беше дел од нејзиното континуирано претставување пред публиката и од нејзините редовни концертни активности како млада пијанистка.