Фото: МВР

По претходно недоразбирање во сообраќајот, вчера во скопското Црниче се случил инцидент во кој автомобил најпрво удрил во мотоцикл, по што ситуацијата ескалирала и завршила со повреден мотоциклист и оштетени возила.

Случајот е пријавен вчера во 18.20 часот во СВР Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според пријавата, на улица „Рилски Конгрес“, возач на патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки удрил во мотоцикл управуван од Г.Н. (29) од скопско. Од ударот мотоциклистот паднал на коловозот.

По тоа, според пријавеното, возачот на „пежо“ го придвижил возилото и повеќепати удрил и во мотоциклот и во паркирано патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.О. (44).

Мотоциклистот потоа се обидел да го запре возилото, при што се фатил за предната врата на „пежо“, но автомобилот продолжил да се движи и го влечел неколку метри, по што тој паднал.

Возачот на патничкото возило го напуштил местото на настанот.

Повредениот мотоциклист бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.