Фото: КФМ

КОШАРКА

  • Со неговото пристигнување Македонија добива кошаркар со НЦАА, развојно НБА и европско искуство, од кого се очекува да биде важна алка во новиот циклус на национален тим, пишува КФМ

Леворакиот американскиот кошаркар Дивејн Стјуарт Јуниор, кој игра на позицијата бек, ќе биде новиот натурализиран играч на македонската репрезентација, со што стручниот штаб на црвено-жолтите ќе добие уште еден квалитетен кошаркар на таа позиција, информираат од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Се работи за кошаркар со богато натпреварувачко искуство, роден на 28 јули 1999 година во Мисисипи (САД), висок 1,98 м. Тој почнал да игра кошарка во НЦАА-лигата, каде што го носел дресот на Мисисипи стејт булдогс, една од познатите универзитетски програми во САД. Според податоците на КФМ, во колеџ-периодот бил еден од најдобрите играчи на својот тим. Во сезоната 2020/2021 бил лидер на екипата со просек од 16 поени, 3,4 скока и 3,1 асистенции по меч, со квалитети на кош-реализатор, но и играч што може да креира за соиграчите. Неговите настапи му донеле признание и место меѓу најдобрите играчи во силната СЕЦ-конференција. По завршувањето на колеџ-кариерата, Стјуарт го направил следниот чекор насочен кон професионалната кошарка. Бил дел од развојната НБА-лига, каде што настапувал за Сиукс солс скајфорс и Остин спарс, собирајќи драгоцено искуство.

Европскиот предизвик го донел во словенечка Цедевита Олимпија, каде што се адаптирал на поинаков стил на игра и ја продолжил кариерата на високо ниво, пишува КФМ. Стјуарт е играч што носи комбинација од брзина, физичка моќ и офанзивен потенцијал, може да игра со топка во раце, да креира позиции за шут и да биде опасност во транзицијата. Токму овие карактеристики се очекува да бидат дополнителен квалитет за македонската репрезентација, особено во натпреварите каде што се потребни индивидуален квалитет и поголема ширина во нападот. Со неговото пристигнување Македонија добива нов натурализиран репрезентативец, кошаркар со НЦАА, развојно НБА и европско искуство, од кого се очекува да биде важна алка во новиот циклус на национален тим, пишува КФМ. Г.И.