Енергетиката е сектор во кој успехот не може да се постигне без силна соработка меѓу институциите, компаниите и граѓаните, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на отворањето на изложбата во Националната галерија „Чифте амам“, организирана од ЕВН Македонија по повод 20-годишнината од нејзиното работење во земјава, пренесе МИА.
Обраќајќи се пред присутните, Божиновска истакна дека развојот на енергетскиот сектор е резултат на партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор, како и на усогласување на економските интереси со јавната одговорност.
-Како Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, нашата определба е да градиме стабилен, предвидлив и фер систем – систем кој ќе ги штити интересите на граѓаните, но истовремено ќе биде поттик за нови инвестиции, иновации и развој – истакна Божиновска.
Честитајќи го јубилејот на ЕВН Македонија, министерката нагласи дека изложбата претставува сведоштво за трансформацијата низ која поминала македонската енергетика во изминатите две децении.
Според неа, компанијата оставила значаен печат во развојот на електродистрибутивниот систем преку модернизација, дигитализација и подобрување на услугите за корисниците.
-Тоа е процес кој не се мери само преку бројот на реализирани инвестиции, туку и преку подобриот квалитет на услугите и поголемата сигурност што ја добиваат граѓаните – рече Божиновска.
Таа порача дека изложбата не треба да се гледа само како потсетник на досегашните достигнувања, туку и како инспирација за идните развојни чекори во енергетиката.
Министерката потенцираше дека енергетскиот сектор денес се соочува со динамични промени предизвикани од зелената транзиција, технолошкиот развој и потребата од зголемено користење на обновливи извори на енергија.
-Живееме во време кога енергетиката се менува побрзо од кога било. Зелената транзиција, новите технологии, паметните мрежи и обновливите извори на енергија се предизвици, но и можности што треба заеднички да ги искористиме. Искуството од изминатите дваесет години не треба да биде само повод за гордост, туку и цврста основа за идниот развој – порача Божиновска.
Изложбата, организирана по повод 20 години од работењето на ЕВН Македонија, преку фотографии и архивски материјали го прикажува развојот на компанијата и трансформацијата на електроенергетскиот систем во земјата во изминатите две децении.



































