Времеплов – кога бев ученичка: Теодора Раптис
- Иако во пливањето постигна врвни резултати, шестгодишната Теодора кога првпат отишла на базен, си заминала плачејќи, зашто не ѝ се допаѓало некој да ѝ кажува што и како треба да прави. По една година повторно отишла и овој пат ѝ се допаднало, па останала цели 25 години во пливачките води
Поранешната македонска пливачка и маратонка Теодора Раптис денес е успешен стоматолог и орален хирург во Скопје. Работи како доктор по стоматологија во приватна ординација, професија за која се определи уште додека активно се занимаваше со спорт.

Но иако ја заврши натпреварувачката кариера околу 30-та година, не се оддели од пливањето, бидејќи стана активна како тренерка во ПВК Орион и продолжи да работи со млади пливачи.
Теодора важи за една од најтрофејните македонски пливачки од поновата спортска историја. Беше државен првак во повеќе категории, а особено е запаметена како победничка на Охридски пливачки маратон во 1992 година.
Сите велеа дека за неа најтешката пливачка дисциплина – маратонското пливање – е најлесна и со неа постигна големи успеси и во светски рамки. Три години по ред, во 2003, 2004 и 2005 година, беше шеста во светот. Учествувала на над 80 маратони во светот и има освоено многу меѓународни награди.
Денеска во „Колибри“ ќе се навратиме на нејзините ученички денови и почетоците во пливањето.
Се сеќавате ли на првиот училиштен ден?
– Тоа беше во 1983 година. Тој 1 септември во училиштето „Дане Крапчев“, во населбата М.А. Ченто, некогашен Синѓелиќ, каде што завршив осмолетка, дојдов заедно со мајка ми и со сестра ми. Се сеќавам имаше многу деца и сите чекавме да дојде некоја од учителките и да прочита кој е во нејзиното одделение. Нас нѐ зеде учителот Мирче Панајотов, кого подоцна сите го засакавме. Беше многу строг, ама истовремено и многу добар. Иако малку бев разочарана во почетокот, тие четири години со него прекрасно ги поминавме. Бидејќи и од петто до осмо имавме класен раководител, наставникот по математика Љубе, осум години не купувавме подароци за Осми март.
Какво дете бевте?
– Како мала бев многу темпераментна, ги тепав сите машки и никој ништо не ми можеше. Иако момчињата беа поголеми од мене, не ме задеваа тие мене, туку јас нив. Не знам зошто, ама децата се плашеа од мене.
Сте биле махер за препишување?
– Ми немаше рамен и никогаш не ме фатија или барем се правеа дека не ме забележуваат. Препишував од мали ливчиња на замотани ленти околу прст или текстот претходно го пишував на клупа со молив, со мали букви. Тоа го правев само на часот по македонски јазик. Секогаш знаев да се извлечам и да не ме фатат ако нешто не знам. Признавам и ми шепкаа другарите, а и јас шепкав. Сум бегала и од часови, ама со цело одделение, но некоја поголема беља не сум направила.
Што никогаш нема да заборавите од ученичките денови?
– Не знаев да пеам и не ме бидуваше за музика, ама се запишав во мандолински оркестар. Најискрено бев антиталент. Извесен период постојано дома вежбав, но моите ме молеа да престанам, бидејќи ми рекоа дека веќе не можат да ме слушаат. А јас никако не престанував. Кога отидов кај учителот и кога ме слушна, ми рече: „Ќе ти ставам петка, ама те молам веќе немој да доаѓаш“!

Првпат отидовте на пливање на шест години. Кој Ве однесе?
– Имаше акција по училиштата да се запишуваат учениците на пливање. Сестра ми Соња го видела огласот и пројави желба да оди. Таа е пет години постара од мене. Првиот пат кога отидов на базен со татко ми, имав шест години и почнав да плачам. Не сакав да ми кажуваат што треба да правам. Си отидов од првиот тренинг и не сакав веќе да доаѓам. Во меѓувреме му правев друштво на татко ми, седев горе на трибините, додека сестра ми тренираше. Почнав да пливам на седум години. Прв тренер ми беше Весела, а на еден тренинг познатиот Димитрие Поповски-Шкипер ми рече да пливам во големиот базен и оттогаш почнав посериозно да се занимавам со овој спорт. Првите пехари и награди почнав да ги добивам на 10-11 години, и тоа на натпревари од Скопје до Љубљана во бивша Југославија. Тогаш имаше многу деца пливачи и голем потенцијал. Некои беа големи таленти, ама се откажаа, а јас цели 25 години останав во пливачките води.
Дали поради тренинзите одевте на екскурзии со соучениците?
– Па не одев на екскурзии, најмногу се сеќавам на подготовките со децата во пливачките клубови Младост и Студент, во кои членував. Тоа ми беше најубавиот период, крајот на учебната година и одењето на подготовки со клубот. Поради секојдневните тренинзи и чести патувања на разни натпревари, најпрво во бивша Југославија, но и во други земји, имав повеќе друштво од базен отколку од училиште. Немав баш многу време за играње, освен за време на летниот распуст, но и тогаш секој ден од 18 часот одев на тренинг, а пред важни натпревари бев ослободена и од првиот час, зашто и наутро од 5 часот секој ден одев на базен. Татко ми упорно ме носеше и благодарна сум му за тоа.
Какви се придобивките од долгогодишното активно пливање на најтешката пливачка дисциплина – маратонот?
– Психички сум многу издржлива, дисциплинирана и сите тешкотии лесно ги пребродувам. Во маратонот има и тешки мигови, но и покрај сѐ, никогаш не сум се откажала и сум се трудела секогаш да стигнам до целта. Да направам нешто што никој друг не го може.
Зошто и покрај одличните спортски резултати ја одбравте медицината, поточно стоматологијата за животна професија?
– Се запишав во средно медицинско бидејќи татко ми беше доктор по медицина на трудот и јас сакав да имам некоја професија што на каков било начин ќе биде поврзана со медицината. Инаку, мојата примарна професија е стоматологијата, доктор сум во оваа област и орален хирург. Но најважен успех за мене е тоа што станав мајка на моите две деца Нина и Коста, кои израснаа во воспитани и културни личности.
Во Вашиот пливачки клуб Орион што им сугерирате на младите таленти, како да бидат успешни?
– Убаво е да ги воведуваш децата во пливањето, особено кога се трудат. Меѓу нив има таленти, но тешко е да се задржат како сениори. Пливањето бара многу жртви, и од децата, но и од родителите. Треба да бидете многу упорни ако сакате да постигнете резултати во кој било спорт.

































