Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одложи главната расправа во предметот за наводни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, пренесе МИА.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека одлагањето е потребно за обвинетите и нивните бранители да имаат доволно време да извршат увид во доставените докази, да се запознаат со нивната содржина, да ја подготват одбраната и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката.
-Судот оцени дека обвинетите и нивните бранители треба да добијат потребно време за увид во доказите и за ефективна подготовка на одбраната, имајќи го предвид и барањето на бранителот на обвинетиот Бојан Јанев за оставен рок за подготовка, поради што главната расправа се одлага – истакна судијката.
Наредните рочишта се закажани за 7, 11, 16, 18, 23 и 30 септември, како и за 2, 8, 9, 15, 16, 20 и 21 октомври.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Тие најавија изведување на 231 материјален доказ, вештачења и искази од седум сведоци.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на службените овластувања, предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од над 507 милиони денари. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Првообвинетиот и поранешен директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот и за него се бара определување притвор по пронаоѓањето. За Артан Груби, пак, Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор.
Груби беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин Блаце, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот. Наместо ефективен притвор, нему му беше определен куќен притвор поради безбедносни причини.




































