Министерството за образование и наука (МОН) објави јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година.
Право на субвенциониран оброк имаат студентите што се државјани на Македонија; се редовно запишани на прв или втор циклус, односно на интегрирани студии на државен или приватен универзитет; немаат месечен приход по кој било основ повисок од минималната нето-плата во државата за тековната година.
Пријавувањето се врши електронски преку порталот (https://e-uslugi.mon.gov.mk/).
Кандидатите треба да ги пополнат обрасците „Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк“ и „Изјава за точност на внесените податоци“, а потоа потпишани да ги прикачат кон електронската апликација.
Рокот за пријавување на тековните студенти, како и на лицата што ќе се запишат и ќе стекнат статус на студент во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август.
Почнувајќи од октомври, дополнителен рок за пријавување ќе биде отворен од први до петти во секој месец. Во него ќе можат да аплицираат студентите што не го оствариле правото преку првичниот повик, како и оние на кои правото им престанало поради неисполнување на некој од условите, доколку повторно ги исполнуваат критериумите.
Исплатата на средствата ќе започне во месецот по оној во кој студентот го остварил правото.
Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно и е наменет за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота.
Доколку средствата не бидат искористени во текот на денот, тие остануваат достапни до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота. Субвенцијата не се исплаќа од 1 јули до 1 октомври, ниту за време на државни празници и неработни денови.
Исплатите ќе се реализираат преку Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите што ќе го остварат правото ќе треба да склучат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка, без оглед дали претходно биле нејзини клиенти.
Рокот и начинот на подигање на картичките дополнително ќе ги објават МОН и Шпаркасе банка.
За помош при пријавувањето студентите можат да се обратат на електронската адреса: [email protected].



































