Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска изјави дека Владата прави сè што е во нејзина можност за да им помогне на македонските транспортери, преку склучување билатерални договори со земјите членки на Шенген-зоната, пренесе МИА.

-Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамките на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решение. Се работи за правила во Шенген-зоната и за правила што ги уредува Шенген-зоната. Она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген-зоната. Тоа веќе го правиме, веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме на договор со други земји. Во септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, а во октомври е најавена средба и со словенечката – изјави Николоски по посетата на Струга, одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите за протести на македонските превозници.

Тој напомена дека се работи и со Германија, со цел да бидат опфатени рутите по кои македонските транспортери најчесто се движат.

-Ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји што се расположени за таа работа. Гледаме генерално да ги покриеме рутите по кои македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија, Хрватска и Романија веќе има договор. Работиме и со Германија и на тој начин ги покриваме земјите во кои има најголема фреквенција. Тоа е она што ние можеме да го направиме и го правиме во овој период – напомена Николоски.