Анализа
- Украина дефинитивно е во предворјето на нова политичка фаза. Прашањето повеќе не е само кој ќе го наследи Зеленски туку кој од трите центри на моќ, армијата, безбедносно-разузнавачкиот апарат или технократско-воениот комплекс, ќе ја обликува државата по војната
Повеќе од четири години, Володимир Зеленски и украинската војна изгледаа како две половини од иста политичка слика. Додека траеше руската операција, секое сериозно прашање за наследникот на претседателот изгледаше или нереално или опасно. Сега таа граница е пробиена.
Крајот на една политичка ера
Отворањето на процесот за нова политичка фаза во Украина не го направи старата опозиција, туку човек од самото јадро на системот на Зеленски. Имено, Михајло Федоров, некогаш еден од најблиските соработници на претседателот и архитект на украинската дигитална трансформација, по само шест месеци беше разрешен како министер за одбрана. Неговото разрешување предизвика протести, а Федоров потоа јавно го отвори прашањето за избори и за „системска криза на управувањето“. Тоа е многу повеќе од личен конфликт. Пред Украина постепено се отвора борба за предизвикот – Каква држава ќе биде Украина по Зеленски?
Првата алтернатива: „Генералска“ Украина
Првата Украина е – Украина на армијата. Војната создаде генерација команданти со огромен личен авторитет. Тие не се само воени професионалци туку луѓе што во очите на јавноста се поврзани со опстанокот на државата.
Најпознатиот пример е Валериј Залужниј. Но генерациската промена веќе се гледа и во назначувањето на Михајло Драпатиј за нов врховен командант на украинските вооружени сили. Драпатиј припаѓа на помладата генерација офицери и во својата работа ја нагласува токму комбинацијата на борбено искуство, технолошки развој и поголема своја автономија во одлучување, раководење и командување, што патем споменато го искажува и на фронтот.
Се разбира дека ова не мора да значи воена хунта. Многу поверојатно е армијата да стане политички арбитер – институција без која ниту една идна власт нема да може да управува. Но сценариото „генералска Украина“ има една слабост. Војската можеби знае како се војува, но државата по војната треба да дознае како треба да се управува, да се организира, да се спроведува и да се контролира политичкиот и економски систем.
Втората алтернатива: Украина како „безбедносна држава“
Втората Украина би била држава во која главната политичка тежина ја преземаат безбедносните и разузнавачките структури.
Луѓето од украинскиот безбедносниот апарат стекнаа политички капитал каков што пред 2022 година речиси и не постоеше. И овој модел на Украина се споменува како можен, иако името „Украина – безбедносна држава“ е помалку во пејоративна смисла искажано државно-правен модел. Но и овој модел има логика. Имено, се разбира дека Русија нема да исчезне како соседна држава и по примирјето и по воспоставување на мирот или понатаму и по воспоставувањето дипломатски односи. И токму тука, во тој билатерален соседски однос се крие и овој алтернативен концепт за постоење и преструктурирање на Украина како „безбедносна држава“. Имено, ако националната безбедност стане траен аргумент за концентрација на власта, Украина може да остане демократија по форма, но да стане сè посилно контролирана држава по суштина. Веројатно и системски некој надворешен центар на моќ ќе навива за оваа опција и ќе ја потпомага.
Третата алтернатива: Технократско-воена Украина
Најновата и можеби најинтересна политичка сила е онаа што ја претставува Михајло Федоров (неодамна разрешениот министер за одбрана на Украина, кој деновиве повика на претседателски избори во еден најдиректен и најотворен политички предизвик кон Володимир Зеленски од почетокот на украинско-руската војна).
Имено, Михајло Федоров не доаѓа од генералштаб, туку од светот на технологијата, дигиталната држава и иновациите. Неговата визија за војната се темели врз ВИ (вештачка интелигенција), софтвери, дигитализација и автоматизација и побрзо поврзување на приватниот сектор со воената индустрија. Токму во овој сектор Украина стекна огромно искуство за време на војната. Затоа Федоров е интересен и ако никогаш не стане претседател.
Тој го претставува раѓањето на нова украинска елита – технократи, инженери, претприемачи, производители на дронови и луѓе од одбранбената индустрија. Тоа би била Украина што од војната не сака само да преживее туку да создаде нов економски модел.
Вистинската битка е – за моќта
Според повеќе анализи на темата „Украина по Зеленски“, аналитичарите поставуваат и едно многу конкретно, а за нив клучно прашање поврзано за Украина. Имено, кој ќе ја контролира воената индустрија?
По војната Украина нема да се врати во состојбата од 2019 година. Ќе има огромна армија, милиони луѓе со воено искуство, сопствена индустрија за дронови и оружје и технологија што ќе биде барана на светскиот пазар. Тоа значи и огромен потенцијал од тој домен.
Оној што ќе се наметне дека ги контролира државните набавки, одбранбениот буџет, воената индустрија и врската со западниот капитал, ќе има влијание врз самата држава. Затоа конфликтот околу Федоров не треба да се гледа само како борба меѓу министер и претседател. Тоа е првиот голем судир околу поствоениот украински модел.
А Зеленски?
Зеленски сè уште не е политички поразен. Напротив, неговата поддршка останува значајна, а последните анкети покажуваат дека мнозинството Украинци не сакаат избори додека трае активната војна.
Од друга страна, споменатиот Федоров со својот повик ја отвори темата, но засега не успеа да создаде масовно движење за промптна промена на власта. Но неговиот потег сепак е историски важен. Првпат по почетокот на воениот судир на украинско тло, еден висок функционер од системот на Зеленски јавно ја доведе во прашање политичката архитектура создадена за време на војната. Тоа е сага, според мислењето на врвни политички анализи, т.н. пресвртна точка. Оттука нема враќање назад.
Изборите се следниот фронт за Украина
Во еден таков контекст, изборите се потенцијално најважниот политички фронт, по воениот. Додека трае воената состојба, изборниот процес останува правно и безбедносно ограничен.
Има индиции дека сега Михајло Федоров бара да се најде механизам за избори и во услови на војна, додека властите предупредуваат дека таков процес би бил исклучително тежок под руските напади.
Но кога изборите еднаш ќе станат реалност, политичката карта ќе се промени. Тогаш веќе нема да се гласа само за човек. Ќе се гласа за модел. Или за Украина на генералите или за Украина на безбедносниот апарат или за Украина на технократите, технологијата и новиот воено-индустриски комплекс.
По Зеленски можеби нема да дојде „еден човек“
Токму затоа прашањето „кој ќе го наследи Зеленски?“ можеби е погрешно поставено.
Можно е наследникот да биде и коалиција. Генерал со технократски тим. Безбедносен апарат под цивилна контрола. Политичар што ќе ги поврзе армијата, европскиот капитал и украинската индустрија.
Едно е сигурно. Украина по војната нема да биде Украина од пред војната. И најголемата битка можеби нема да биде за претседателската фотелја, туку за тоа кој ќе ја контролира новата држава создадена од војната. Федоров можеби не е човекот што ќе го наследи Зеленски. Но со неговото појавување на политичката сцена стана јасно дека ерата во која Зеленски беше единствениот центар на украинската политика полека завршува. Следната Украина веќе се создава. Прашањето е само – која од трите ќе победи? Р.С.


































