Богата програма за деца на манифестацијата „Денови на поезијата 2026“
И годинава, традиционално во мај, во Скопје се одржа манифестацијата „Денови на поезијата“, која преку ликот на поетот Ацо Шопов ги обединува сите генерации македонски поети, од основоположниците, преку современите афирмирани поети, па сè до оние што допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
Меѓу јубиларите основоположници на македонската современа поезија што беа чествувани имаше тројца поети за деца: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916) и Васил Пујовски (роден во 1946). Истовремено, годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал.
Во нивна чест, програмата за деца на „Деновите на поезијата 2026“ беше насловена „Сакам светот да е песна“, според стиховите од познатата песна на Васил Пујовски „За сите деца“.
На овој двочасовен настан во интерактивна програма учествуваа ученици од скопските основни училишта „Ацо Шопов“ и „Петар Поп Арсов“.
Актерот Игор Џамбазов ја раскажа приказната за раѓањето на фестивалот „Златно славејче“, а се потсети и на своето учество на првото издание на фестивалот. Тој на присутните им испеа неколку песни од тој период, а потоа читаше стихови од поетите што се чествуваа во рамките на манифестацијата.
Впечатливо е што на овој настан присуствуваше и внукот на поетот Васил Пујовски, кој го носи дедовото име. Внукот Васил со многу топлина се потсети на својот дедо, а обраќањето го заврши со читање на песната „За сите деца“.
Веднаш потоа следуваше и музичка интерпретација на песната од хорот на „Златно славејче“, кој изведе уште неколку песни по текст на македонските поети за деца.
Во третиот дел од настанот насловен „Гатанки мали, одговор им фали“, Андреј Наунов читаше гатанки од писателот Ванчо Полазаревски, а децата од публика даваа одговори.
Присутните деца учествуваа и на поетската работилница „Песна за песната“. Секое дете напиша една лична творба посветена на песната и потоа сите заедно излегоа на сцена да го претстават сработеното.
Учествуваа околу 30 деца, претежно од училиштата „Ацо Шопов“ и „Петар Поп Арсов“. Ним им се придружи и Тео, правнукот на поетот Волче Наумчески.
Во рамките на манифестацијата, во киното „Синеплекс“, се одржа и Државниот рецитаторски натпревар во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, на кој учествува стотици ученици од основното и средното образование во државата.
Потпретседателката на фондацијата „Ацо Шопов-поезија“, Јасмина Шопова, која е организаторка на „Денови на поезијата“, го изрази своето задоволство од големата посетеност и заинтересираност за сите настани.
– Особено ме радува што во публиката беа присутни семејствата на тројцата поети за деца што ги чествувавме годинава, а некои од нивните членови активно учествуваа во програмата. Исто така се радувам што децата од основното училиште што го носи името на татко ми, Ацо Шопов, беа дел од ова прекрасно детско попладне – истакна Шопова. Ф.Д.
За сите деца
Сакам светот да е песна,
личен цвет, ширен лет,
сакам да е песна една,
шарен цвет, овој свет.
Сакам полја, сакам гори,
ширна шир, сегде мир,
сакам зора, кога зори,
сегде мир.
За сите деца да биде сонце,
да биде љубов, нека биде сјај,
да биде копнеж, да бидат ѕвезди, да биде пролет,
личен цветен мај!
Сакам да е песна светот
тивок бран, изгрев ран,
сакам да е песна една,
да е цвет, овој свет.
Сакам песна да се ори,
тивко сон, ѕвезден ѕвон,
сакам песна што ќе збори,
ѕвезден ѕвон.
Васил Куноски
Детската душа
Можат ли да се опишат
соништата детски,
таа прекрасна
душевна убавина,
што трепери ко вода,
ко сонце што светка,
најубаво цвеќе
в најубава градина.
Од пречисти зборови,
недопишана нежност,
безболни свирки,
свечености од харфи,
в неизмерен простор негувано детство,
нѐ опкружува како поет
со дарба.
Може ли да се влезе
во таа душевна лира?
Хармонија од ѕвезди,
празнувани тајни
те носат низ поле,
со мирис се шират
со среќите зборат
и со сонцето сјајно.
Природата потајно
се скрила цела,
во детската душа
во нејзиниот олтар
создадени созданија,
животна смена
детската душа,
отворена е порта.
Волче Наумчески
Светот на бајките
Крај езерото на песокта
дечињата направија песочен замок,потем неколку кули
и куќарки од ситен камен.
… И тука ги збраа:
седумте џуџиња,
Снежана и Синиот принц,
седумте јариња,
Црвенкапа и нејзината баба,
добриот ловец,
Алиса од земјата на вистинските чуда.
Вечерта дури брановите светот на бајките го сронуваа
дечињата во своите постелки спокојно сонуваа, сонуваа,
сонуваа.
Васил Пујовски


































