Фото: Агенција за патишта

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска соопшти дека Македонија и Албанија веќе работат на изнаоѓање алтернативна траса за автопатот Ќафасан–Требеништа. Тој истакна дека добро се одвиваат и работите на патот Извор–Гарски Мост, додека за автопатот од Тетово најави дека првите километри од делницата Тетово–Гостивар се очекуваат следната година, а целосното завршување е предвидено до 2029 година, пренесе МИА.

Во однос на Коридорот 8 и делницата Ќафасан–Требеништа, Николоски рече дека препораката е да се разгледа друга траса, која ќе биде усогласена со Албанија и ќе ги почитува стандардите за заштита на културното и природното наследство.

-Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради и тоа е добрата вест од препораките на УНЕСКО. Она што треба да се направи е да се избере соодветна рута за да не се наштети ниту на културно-историското наследство, ниту на биодиверзитетот – нагласи Николоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Струга.

Тој посочи дека Македонија веќе интензивно комуницира со Албанија и се разгледуваат повеќе можности за новата траса. Како пример дека трасите на инфраструктурните проекти може да се менуваат поради еколошки причини, го посочи автопатот Гостивар–Букојчани.

Во однос на автопатот од Тетово, Николоски информираше дека првите километри од делницата Тетово–Гостивар се очекува да бидат завршени следната година, додека целата делница треба да биде готова до 2029 година.

За втората делница, од Гостивар до Букојчани, тој рече дека еден од клучните мостови веќе е изграден и очекува таа да биде завршена до крајот на 2029 година. За делницата Букојчани–Кичево, пак, се чека одлуката од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), по што ќе биде познат и рокот за реализација. Според првичните проценки, изградбата би траела околу три години.

Николоски се осврна и на подготовката на закон за крајбрежјата на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тој информираше дека законот е во финална фаза и треба да биде изготвен до крајот на годината.

-Досега немало закон за крајбрежјата на трите езера. Ова е прв закон, а за Охридското Езеро имаме и препорака од УНЕСКО која во законот целосно ќе биде испочитувана. Си дадовме задача до крајот на годината да го завршиме, за да се завршат и постапките и со почетокот на сезоната, во март или април, да ги немаме ситуациите што ги имавме досега – објасни Николоски.

Тој додаде дека е во постојана комуникација со градоначалниците на Охрид, Ресен и Дојран во врска со уредувањето на крајбрежјата на трите езера.

Во однос на патот Извор–Гарски Мост, министерот оцени дека работите се одвиваат со добра динамика, иако, како што рече, проектот наследил проблеми со свлечишта. Најави и дополнителен јавен повик за тендерирање на преостанатите работи.

Николоски информираше и дека кај спојката на автопатите Охрид–Кичево и Извор–Гарски Мост, односно Кичево–Дебар, се гради клучка во близина на реката Треска, при што, како што посочи, се применети сите еколошки стандарди.

Според него, изградени се специјални резервоари за вода, како и водоводна и канализациска инфраструктура, со цел целосно да се заштити просторот околу клучката.