Од Ѓурѓовден до Митровден
- „Зашто нашите непријатели го молат против нас богот на лагата и неправдата, кој е победуван од почетокот до денеска, а ние го молиме за себеси богот на вистината и правдата, победник од векот!“ – весник „Свобода или смрт“, 1903 година
М-р Никола Ристевски
Македонското националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век претставувало не само конспиративна воена организација туку и комплициран општествено-политички и културен феномен. Во услови на отсуство на слободни институции и сопствена државност, освен преку книгите, медиумот преку кој се артикулирала националната свест, се дефинирале стратешките цели на борбата и се водела идеолошка војна против туѓите пропаганди бил токму периодичниот печат. Како што сведочат страниците од историските извори, развојот на македонската револуционерна мисла се одвивал паралелно со создавањето и ширењето на хектографските и печатените весници.
Печатот во овој контекст имал двојна функција: внатрешна, насочена кон кохезија, идеолошко воодушевување и мобилизација на македонското население и емиграцијата, и надворешна, со цел да се запознае европското и светското јавно мнение со страдањата на македонскиот народ и легитимноста на неговите барања за автономна државност. Во рамките на оваа комплексна мрежа на револуционерна пропаганда посебно место зазема дејноста на идеолозите на Македонската револуционерна организација (МРО) и, пред сè, Гоце Делчев, кои во печатениот збор гледале моќно оружје еднакво важно како и пушката.
Клучно место во генезата на оваа мисла заземаат претходниците: од пионерските, јасни национални артикулации на Ѓорѓија Пулевски во втората половина на XIX век, преку интелектуалниот и јазичен бунт на Лозарите и нивното списание „Лоза“ во почетокот на последната деценија од тој век. За да се разбере идеолошката матрица на предилинденските весници, потребно е да се навратиме кон дејноста на Ѓорѓија Пулевски, кој во седумдесеттите и осумдесеттите години на XIX век прв научно, лексикографски и публицистички ја дефинираше македонската национална и јазична посебност. Пулевски, заедно со другите рани преродбеници и учебникари што се бореа против грчката духовна доминација и бугарскиот егзархиски централизам, ја подготви почвата за она што подоцна ќе се нарече македонски сепаратизам (во тогашен политички контекст, издвојување на македонската кауза како посебна од државните пропаганди на соседните балкански држави). Кога предилинденските весници подоцна пишувале за Македонците, тие не зборувале за апстрактна маса, туку за национален субјект чиј идентитет претходно институционално и теоретски го трасирала генерацијата на Пулевски.
Директната алка што ја поврзува револуционерната епоха на МРО со раните преродбеници е Младата македонска книжевна дружина од која се појавиле Лозарите, кои ја подигнале македонската борба на повисоко, интелектуално ниво. Преку списанието „Лоза“, тие започнале систематски да го промовираат македонскиот јазик, користејќи специфичен правопис, кој бил јасен чекор кон кодификација на посебен македонски литературен стандард. Нивната дејност била толку јасно национално диференцирана што бугарската јавност и официјалните власти веднаш ги обвиниле за „македонски сепаратизам“ и заговор за рушење на бугарските државни интереси. Идејата за автономна Македонија, која Лозарите ја сугерирале со голема претпазливост, станала официјално револуционерно мото на Организацијата. Повеќе за Пулевски и Лозарите можете да читате во претходниот фељтон „Од Митровден до Ѓурѓовден“, кој е достапен на веб-страницата на „Нова Македонија“.
Корените на посистематската пропаганда на целите на македонското националноослободително движење се нераскинливо врзани за самите почетоци на Организацијата. Според автентичните сведоштва на еден од првите идеолози на македонското дело, Ѓорче Петров, клучниот пресврт се случува во 1894 година. Ова е периодот кога Организацијата, по првичните чекори на етаблирање во Солун, започнува да врши подлабок пробив во внатрешноста на Македонија, создавајќи ги првите цврсти јадра во Прилеп, Ресен, Охрид и пошироко во Битолскиот санџак. За да се засили агитацијата и да се овозможи побрзо ширење на идеите меѓу пошироките слоеви на населението, се јавува потреба од пишана револуционерна зграда. Тогаш настануваат првите македонски хектографски весници: „На оружје“ во Битола и „Востаник“ во Солун. Овие гласила се создавале во тешки, илегални услови. Во своите „Спомени“, Ѓорче Петров опишува како започнало издавањето на „На оружје“ во Битола, нагласувајќи дека биле отпечатени вкупно девет броја во скромни тиражи од 30 до 40 примероци. Весникот се подготвувал рачно, по цели ноќи, а во неговото уредување и вадење, покрај Ѓорче Петров, учествувале и неговите соработници Попето и Пешков. Истовремено, во Солун, Даме Груев го уредувал весникот „Востаник“. Во своите „Спомени“, Ѓорче Петров забележал дека „солунскиот весник на Дамета се сметаше за потежок по содржина и по стил поиздржан, а нашиот беше побуен и пожив“. Иако од овие први хектографски весници денес нема зачувани физички примероци, нивното историско значење е непроценливо. Тие го означуваат почетокот на организираната издавачка дејност на МРО, која понатаму ќе еволуира и ќе се развива со истите соодноси и размери што ги земало самото ослободително движење.
Македонскиот револуционерен печат од крајот на 19 век јасно ги отсликува идеолошките струења што циркулирале во општествената мисла. Иако не биле официјални органи на самата Внатрешна организација, се појавуваат весници што рефлектираат специфични политички правци, како што бил социјализмот. Во овој контекст исклучително се важни весниците „Револуција“ (основан во 1895 година) и „Политическа свобода“ (основан во 1898 година). Овие весници се јавуваат како гласила на социјалистичкиот разгранок во македонското движење. Тие служат како круцијален доказ за широчината и инклузивноста на македонската националноослободителна борба, покажувајќи дека идеите на социјализмот нашле плодна почва меѓу македонската интелигенција. Идеите пропагирани преку овие два весника извршиле силно идеолошко влијание врз клучните фигури и водечките организатори на движењето. Под влијание на овие прогресивни социјалистички концепции, некои од тие идеи биле директно вткаени во нормативните акти, Уставот и правилниците на Организацијата, со што борбата добила социјално-ослободителна димензија покрај националната. Покрај социјалистичките гласила, во истиот период се појавиле и други весници што застапувале радикални методи на борба: „Глас“ – орган на Македонскиот таен револуционерен комитет и „Отм’штение“ – орган на македонските револуционери–терористи. Иако историската наука сè уште детално ги проучува улогата и влијанието на овие формации, неоспорен е фактот дека тие извршиле силно влијание врз помладата генерација на македонската интелигенција, особено врз групата позната како Гемиџиите. Во програмските документи на весникот „Отм’штение“, печатениот збор експлицитно се дефинира како „средство за народна одмазда, а теророт како одмазда за насилството“, што укажува на фактот дека во отсуство на правни механизми за заштита, медиумот се користел како платформа за легитимизација на оружениот радикализам против османлискиот апсолутизам.
За да се разбере целосната слика на медиумскиот простор во овој период, потребно е да се анализираат и оние весници што биле создавани надвор од структурите на МРО, а често дејствувале и директно против нејзината независна македонска концепција. Во овој период, надвор од јадрото на Организацијата, се развива специфичен бран на периодични изданија, кои, иако не биле под директна командна контрола на Централниот комитет, оставиле забележителен печат во македонскиот информативен простор. Еден од најзначајните примери со релативно долг континуитет е весникот „Глас македонски“, кој излегувал во периодот од 1893 до 1898 година во Бугарија. Ова гласило било под уредничка палка на Коста Шахов, истакнат охриѓанец што уживал голем авторитет и играл видна улога во македонските емигрантски кругови во Бугарија, настојувајќи да го одржи македонското прашање актуелно пред тамошната јавност. Речиси паралелно, во периодот меѓу 1898 и 1902 година, се појавува весникот „Автономија“, создаден од пошироки емигрантски кругови. Ова издание почнало да излегува надвор од директните идејни и тактички насоки на Внатрешната организација, заземајќи подистанциран став во однос на практичната подготовка на теренот. Географската дисперзија на македонскиот печат се проширува во 1902 година со појавата на „Балкански гласник“ во Белград. Како орган на македонската емиграција во Србија, овој весник во својата суштина содржел слична програмска шема како и претходните емигрантски гласила, обидувајќи се да балансира меѓу регионалните геополитички интереси и македонските национални стремежи. Директно продолжение на оваа концепција претставува весникот „Балкан“, кој излегувал краткотрајно во периодот април-мај 1903 година, издаван преку неколку регионални центри. На неговите идејни основи веднаш се надоврзува весникот „Куриер“, кој излегувал во текот на 1903 и 1904 година како директна еволуција на претходните два весника. Програмите на овие три поврзани гласила речиси целосно се поклопувале со фундаменталните идеи на ВМРО во однос на барањето за политичка автономија на Македонија, но суштински се разликувале во поглед на револуционерната тактика и методите на дејствување на теренот. Во овој период излегуваат и низа други весници и списанија: „Малешевски Балкан“ (1897), „Македонија“ (1896/1897), „Хаанан-Обетована земја“ (1901), „Емиграција“ (1901/1902), списанието „Свјато дело“ (1902), „Пирин Планина“, загрепската „Македонија“ (1898/1899), како и истоимените весници „Автономна Македонија“, кои излегувале во Софија (1903) и Белград (1905). Најголемиот дел од оваа еволуирачка периодика е создаван од напредната македонска интелигенција, која борбата ја замислувала првенствено како идејна и дипломатска агитација, без да навлегува подлабоко во практичните аспекти и реалните можности на едно општо внатрешно оружено востание.
Посебно место во историскиот негативен контекст зазема весникот „Реформи“, кој почнува да излегува во јануари 1899 година и опстојува до ноември 1905 година. Овој весник претставувал официјален орган на Врховниот македонски комитет со седиште во Софија. Наместо за независна борба на македонскиот народ, овој печат се ставил во отворена служба на бугарскиот кнез и бугарската влада. Нивната примарна стратегиска цел била целосна ликвидација на МРО како автентична внатрешна организација и нејзино заменување со Врховниот комитет, кој функционирал како сателит на бугарската државна политика за остварување на сопствените територијални аспирации кон Македонија. Во официјалните нормативни документи на Организацијата од предилинденскиот период, како што се Уставот, правилниците на организациските окрузи и различните официјални резолуции, тешко можат да се најдат директни, експлицитни одредби што ги регулираат и нормираат пропагандната и издавачката дејност. Ова долго време создавало погрешен впечаток кај истражувачите дека Организацијата немала развиена медиумска стратегија. Сепак, реалноста на теренот била сосема поинаква. Воено-политичките услови наложиле брза револуционерна реакција врз секојдневните настани. Потребата за објективно и автентично информирање на македонското население во Отоманската Империја, заштитата на емиграцијата во Бугарија од влијанието на врховизмот, како и желбата да се пробие информативната блокада и да се влијае врз јавното мнение во Западна Европа, ја принудиле Организацијата континуирано да развива широка мрежа на илегални хектографски весници во секој револуционерен округ…
(продолжува)
































