Уреднички коментар
Повод: Изјавата на германскиот канцелар Мерц дека „во минатото погрешно се пристапувало кон идејата за интеграција на Западен Балкан во ЕУ“ и дека „никој всушност не знаел што да се прави со земјите од регионот и како да се напредува понатаму“…
Понекогаш една единствена реченица има поголема тежина од илјадници страници дипломатски извештаи. Таков е случајот со изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека во минатото „погрешно се пристапувало кон идејата за интеграција на Западен Балкан во ЕУ“ и дека до неодамна „никој всушност не знаеше што правиме со земјите од регионот и како да напредуваме понатаму“.

Тоа не е обична политичка констатација. Тоа е признание. И тоа признание доаѓа од највисоко место во Европската Унија.
Дваесет години Македонија слуша дека проблемот е во неа. Дваесет години граѓаните се убедуваат дека треба уште малку да попуштат, уште малку да се откажат, уште малку да жртвуваат. Името беше проблем. Историјата беше проблем. Знамето беше проблем. Учебниците беа проблем. Уставот беше проблем. Идентитетот беше проблем. Јазикот беше проблем. Секогаш нешто ново беше поставувано како услов за европската иднина.
А денес, од самиот врв на германската политика, слушаме дека Брисел всушност не знаел што прави!?
Ако ова признание се сфати сериозно, тогаш тоа отвора далеку подлабоки прашања од оние што во моментов се поставуваат во европските институции. Зашто, ако пристапот бил погрешен, тогаш логично е да се постави прашањето колку биле оправдани сите последователни барања што им беа наметнувани на земјите кандидати.
Особено на Македонија!
Ниту една држава кандидат не беше изложена на толку длабоки интервенции во прашања што се дел од нејзиното суверено право на самоопределување! Ниту една држава не беше принудена да навлезе толку длабоко во сопствениот идентитет за да ја докажува својата европска подобност!
Притоа, сега станува јасно дека тие жртви не биле дел од јасно дефинирана стратегија за проширување. Не биле дел од цврста визија за европска интеграција!
Според признанието на Мерц, тие се случувале во период кога европските центри на одлучување талкале меѓу сопствените дилеми, несогласувања и институционална парализа.
Со други зборови, Македонија плаќала цена за нешто што ниту самата Европска Унија не знаела како да го реализира. Тоа е суштината на проблемот! Не станува збор за антиевропска позиција. Напротив. Станува збор за одбрана на самата европска идеја!
Затоа што Европа не може да биде заедница на право ако едни правила важат за едни држави, а други за други. Не може да биде заедница на вредности ако од една нација се бара да преговара за сопствениот идентитет како предуслов за политички напредок.
Токму затоа изјавата на Мерц претставува историски момент!
За првпат еден влијателен европски лидер индиректно признава дека политиката кон Западен Балкан била концептуално погрешно поставена. А кога една политика е погрешно поставена, природно е да се бара нејзина корекција. Каква? Еве каква: Од сето горенаведено произлегува и нашето легитимно прашање. Имено, дали Македонија има право да бара целосна реституција на процесот што со години беше претставуван како единствен можен пат?
Многумина во Европа би сакале ова прашање да не биде поставено. Но токму европската правна традиција налага дека грешките не се прикриваат, туку се исправуваат!
Ако навистина се отвора ново поглавје во политиката на проширување, тогаш тоа мора да започне со враќање кон темелните принципи на Копенхашките критериуми. Не со билатерални условувања. Не со историски арбитражи. Не со идентитетски преговори. Не со политички ултиматуми.
Само со право, институции, демократија и владеење на законот. Враќање во поранешната состојба! (Restitutio in integrum)!
Секој друг пристап повторно би ја туркал Европската Унија во истиот ќор-сокак што денес го признава и самиот Мерц.
Во таа смисла, изјавата на Мерц е повеќе од политичка оцена. Таа е своевиден акт на признание дека европските елити не (секогаш) биле во право. А признанието на грешката е првиот чекор кон нејзино исправување.
Прашањето што останува отворено е дали Брисел ќе има храброст да ја следи логиката на сопственото признание.
Зашто ако навистина не знаеле што прават, тогаш не е доволно само да се каже „погрешивме“. Потребно е да се покаже како таа грешка ќе биде исправена.
За Македонија тоа не е академско прашање. Тоа е прашање на достоинство, суверенитет и доверба во европскиот проект.
А за Европа, тоа е тест дали навистина останува верна на принципите што со децении ги проповеда.
Историјата покажува дека империите се рушат кога ќе престанат да ги почитуваат сопствените правила. Европската Унија има можност да покаже дека е нешто повеќе од бирократска конструкција – дека е политичка заедница способна да ги признае и исправи сопствените грешки. Фридрих Мерц ја отвори вратата за таа дебата. Сега на потег е Брисел! Р.Н.М.
































