Момент од мечот Работнички - Графичар

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (396)

Од ракометното минато (27)

  • „Железничарите“ поминаа низ многу неизвесни и тешки мечеви за да дојдат до побезбедните места на табелата. Графичар, пак, полека губеше здив и почна да заостанува

Ракометниот шампионат на Југославија во натпреварувачката сезона 1959/1960 за македонската спортска јавност беше особено интересен, бидејќи во Првата лига учествуваа две скопски екипи. Работнички, кој имаше подолга традиција, со оглед на искуството, се очекуваше полесно да помине низ натпреварувачкиот пекол, а Графичар, како новолигаш, имаше многу потешка задача, бидејќи новите членови на елитната лига секогаш беа први на тапет за испаѓање. Но во случајов интересно беше како играчите на двата клуба, кои беа добри другари и чекореа по истите маалски скопски улици, како ќе се однесуваат кога ќе треба да се борат меѓу себе за бодовите.

За изненадување, особено на ракометната јавност во Македонија, во првиот нивни дуел во есенскиот дел понеискусниот Графичар дојде до победа. За да биде уште поинтересно, тие на „раштиманиот“ Работнички во второто полувреме му дозволија да постигне само еден гол. Тоа беше неверојатно, а најсреќен во сета таа ситуација беше голманот на „графичарите“, мојот добар другар и колега Миодраг Мицковиќ. По овој пораз односите меѓу двата клуба малку беа „затегнати“, а сите љубители на ракометот одвај го чекаа почетокот на втората полуетапа за да видат дали Работнички ќе му се реваншира на „помладиот брат“. Но до таа средба требаше уште долго да се чека. Сега приоритет на двата клуба беше да се освојуваат бодови во оние мечеви што следуваа, а за меѓусебниот дуел ќе размислуваат кога ќе му дојде време. Инаку, во таа трка уште на почетокот од втората полуетапа се виде оти Работнички е поподготвен. Тимот од Дебар Маало имаше солиден старт, а на Графичар му одеше потешко.
– Интересно е оти сите во клубот како да живеевме за дуелот со Работнички. Откако почувствувавме, а тоа се виде и низ натпреварите, оти немаме сили рамноправно да се бориме во прволигашката конкуренција, не ни остана ништо друго освен повторно да го чекаме градското дерби. Работнички, за разлика од нас, беше поорганизиран, а рака на срце во своите редови имаше и играчи со големо искуство, уште од оние години кога почна да се игра големиот ракомет. Ние бевме свесни дека токму тоа искуство е силната страна на месниот ривал и да бидам искрен и јас бев зачуден и изненаден кога во првата прволигашка пресметка го совладавме. Но тогаш и среќата беше на наша страна, а јас бев особено задоволен што во второто полувреме примив само еден гол – се сеќава голманот на Графичар, Мицковиќ.

Сега, откако многу работи се разбистрија и Работнички успешно стартуваше во вториот дел од шампионатот, симпатизерите на Графичар не беа толку големи оптимисти пред реваншот. Причина за тоа беше солидното бодовно салдо, кое им овозможуваше на „железничарите“ по неколкуте победи мирно да го очекуваат расплетот, а и мечот со месниот ривал.

Успешна серија на дебармаалци

Ракометарите на Работнички имаа успешен почеток во пролетниот дел од шампионатот. Во првиот натпревар во Скопје се претставија во вистинско светло и ја совладаа фаворизираната Црвена звезда. Овој дуел беше од големо значење за кревање на самодовербата пред да се тргне во следните битки за бодови. Инаку, мечот со ѕвездашите, јас ќе го паметам по две интересни работи. На тој меч, на изненадување на ракометните љубители, во тимот на Работнички се појави и тенискиот шампион Гаврил Штериев. Тренерот Матовски во него виде голема перспектива и не случајно го стави во тимот. Популарниот Гањо беше физички добро граден и ги имаше сите атрибути на врвен спортист , и тоа не само во еден туку во повеќе спортови, меѓу кои и ракометот. Втората работа по која се сеќавам беше извештајот за случувањата на теренот во „Нова Македонија“, кој беше напишан од перото на доскорашниот играч на „железничарите“ Тихомир Михајлов. Тој меѓу другото напиша: „Работнички, кој постојано имаше водство на овој натпревар, во еден момент дури имаше предност од осум гола, играше брзо, квалитетно и со смислени акции, овој пат ефикасно и пожртвувано. Најмногу што одушеви кај Работнички беа извонредното залагање, примерната кондиција и одличната борбеност. Со ваква игра Работнички ќе има шанси да опстане во Првата лига“. Тоа беше она најбитното во извештајот на Тихо, кој беше и мој сосед, но и покрај истото презиме немавме роднински врски. Томановиќ уште еднаш ги покажа своите голгетерски квалитети и со пет гола беше најефикасен играч кај Работнички, а репрезентативецот Рагуш беше прв стрелец на мечот со девет постигнати гола.

По оваа победа на Работнички му следуваше тежок испит. Екипата гостуваше во Бања Лука кај актуелниот првак Борац. Овој меч, за кој се веруваше дека за домаќините ќе биде само формалност, во финишот се претвори во вистинска драма во која Борац, сепак, победи со 11-10. За ваквиот исход голем придонес имаше и судијата Блажиќ од Нови Сад, кој очигледно им беше наклонет на домаќините. Единствена утеха за тесниот пораз беше аплаузот со кој гледачите го испратија од теренот гостинскиот тим. Тренерот Славко Матовски на оваа средба беше посебно расположен и постигна дури пет гола.

Во третото пролетно коло во Скопје без поголеми напори беше совладана Босна со 20-12 и сега полесно можеше да се дише, зашто Работнички зачекори кон средниот дел од табелата и полека се оддалечуваше од опасната зона, во која, пак, по променливите игри и порази се најде вториот скопски прволигаш Графичар. Инаку, според распоредот, „железничарите“ по дуелот со Босна ѝ гостуваа на Млада Босна во Сараево и доживеаја пораз од два гола разлика, а, пак, многу полесно од очекувањата следната недела во Скопје го победија Загреб со 15-9, што значеше дефинитивно зацврстување на петтата позиција на прволигашката табела. Томановиќ и на овој меч беше најефикасен со четири гола, Геровски постигна три, а Кратовалиев, С. Матовски, „позајмениот“ играч од КК Работнички, Фишиќ постигнаа по два гола и Маерле еден.
Следниот меч против загрепска Младост во гости беше само формалност. Сите во Работнички беа свесни оти овде не треба да се „трошат“, зашто веднаш по овој дуел во Скопје им гостуваше Партизан од Бјеловар, кој стана фактор во југословенскиот ракомет. Тренерот С. Матовски добро ја процени ситуацијата и на мечот со Младост влезе без некои посебни амбиции, за што говори и резултатот, 23-9 за загрепчаните. Битно му беше да ја зачува свежината на играчите за она што допрва доаѓаше, а тоа беше средбата со Партизан од Бјеловар во Скопје.

Драма во финишот

Средбата со Партизан се одигра пред околу 2.000 гледачи и таа, како што се очекуваше, донесе многу возбудувања. Впрочем, самиот тек, во кој бјеловарчаните четири пати водеа, Работнички пет пати беше во водство, а имаше дури осум израмнувања, најубаво говори за каков возбудлив и неизвесен меч се работеше. Посебно интересна беше завршницата, во која со френетично навивање гледачите ги бодреа своите миленици и не дозволуваа, и покрај жестоката битка и заморот, во ниеден момент да попуштат. Најкритично беше кога бјеловарчаните поведоа со 9-8, а веднаш потоа и со 10-8. Како што пишува во извештајот во „Нова Македонија“, во тие моменти веќе немаше време за чекање и мораше со последни сили да се нападне голот на извонредниот Јандроковиќ, кој беше најдобриот голман во Југославија во претходните неколку сезони. Тие напади, најмногу по заслуга на Томановиќ, дадоа плод и резултатот беше израмнет, 10-10. Гледачите беа во делириум, се добиваше чувство како и тие да се наоѓаат на теренот, а кај нивните миленици се појави некоја чудесна енергија и просто „летаа“ на теренот. Беше тешко и неизвесно, но шансата мораше да се искористи. Работнички во тие моменти поведе со 12-10, но сега ракометарите на Партизан стапија на сцена и израмнија на 12-12. Ова беше почеток на драмата на која со погодокот од противнапад Томановиќ ѝ стави крај. Работнички победи со 13-12.

Ова беше еден од оние натпревари што никогаш нема да се избришат од сеќавањата. Уште долго време се раскажуваше за овој меч, кој покажа дека Работнички е тим што не случајно е во друштвото на најдобрите. Тофо, како и многупати досега, од расположените гледачи на раце беше изнесен од теренот. Тоа беа навистина моменти за незаборав. Другиот ден кога со моите другари од АК Работнички отидовме на тренинг низ Градскиот парк, цело време зборувавме за мечот од претходниот ден. Тоа беше и нормално, зашто без оглед во кој спорт се натпреварувавме, ние бевме деца на ЖСД Работнички. Сите бевме како едно семејство, а токму таквото чувство го правеше дебармаалското друштво да биде големо. Средбата со Партизан од Бјеловар долго време беше тема за разговор и коментари во скопските спортски кругови. Таа беше доминантна дури и во моментите кога се очекуваше реванш-пресметката меѓу градските ривали Работнички и Графичар, која требаше да го означи и крајот на сезоната. Но, настаните брзо се менуваа и сега погледите на „железничарите“ беа свртени кон следниот натпревар, а тоа беше дуелот со Дубочица во Лесковац. Интересно е оти и овде беше драматично, за што говори и нерешениот резултат 15-15. Освоениот бод за скопјаните значеше многу, зашто им помогна да се „одлепат“ од Млада Босна и цврсто да останат на петтата позиција на табелата. Дали така ќе биде и на крајот, многу зависеше од реваншот со Графичар.