Аљоша Симјановски
Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија објави јавен повик до сите заинтересирани физички лица што сметаат дека можат да дадат свој придонес во креирањето на програмската понуда на јавниот сервис.
Доколку сте професионално определен како новинар, репортер, водител на програма, спикер, лектор, снимател, техничар, тонец, продуцент или, пак, имате искуство во кој било друг сегмент од процесот на производство и емитување програма, ве поттикнуваме да ја доставите вашата работна биографија (сиви) на следната електронска адреса: [email protected], каде што јасно треба да биде наведен вашиот контакт. По повод јавниот повик за соработка, се пријавувам со цел дел од своите искуства да ставам на оглед на јавноста и професионалниот тим на јавниот сервис.
Режисер, новинар публицист, сценарист, композитор, 35 години во МРТ, прво вработување – асистент по режија, режисер, уредник на редакција, одговорен уредник на Документарна програма, Контактно-рекреативна програма. Одговорен уредник на Првиот програмски сервис на МТВ, в.д. извршен директор на МРТВ. Во својство на режисер, потписник на над 2.500 ТВ-наслови од сите видови програма – документарни и играни филмови, контактно-рекреативни, забавни, образовни, културни програми, директни преноси, меѓународни проекти, видеомостови, програми од информативниот сектор/особено забележителни во периодот на осамостојувањето и референдумското изјаснување на РМ, актуелен претседател на Управниот одбор на Драмскиот театар во Скопје, во два мандата.
Автор на документарни филмови и проекти (над 150 документарни единици во продукција на Македонската телевизија, „Вардар филм“). Учество во официјални селекции на фестивали во Амстердам, Берлин, Токио, Санкт Петербург, Букурешт, Билбао, Бијариц, Тајпеј, Краков….
Поважни награди: Бронзен змеј на фестивалот од прва категорија во Краков во 1992 година и специјална награда за документарен филм на фестивалот во Токио Химеџи – Јапонија во 1994 година итн. Активно учество во сите форми на организирање и дејствување во МРТ, во својство на член на Советот на МТВ, Комисијата за филм во Владата на РМ, колегиуми, делегации и др.
Новинар, публицист објавувал во дневниот и неделниот печат, текстови и есеи во „Дневник“, „Утрински весник“, „Време“, „Македонија денес“, во неделниците „Форум“, „Денес“, интерактивно учество на Форумот на „Џез тајмс“ (над 800 колумни) од сферата политиката, културата и комуникациите теоретски опсервации низ медиумска оптика, плод на долгогодишно богато и разновидно искуство. Во прилог на пријавата и предлог-програмски образец за продукција на креативен документарен филм.
Експликација
Сите минати, сегашни и идни анализи на ТВ-програмата недвосмислено укажуваат на фактот дека документарниот филм е силно респектиран жанр и заедно со играната продукција секогаш го заврднувал вниманието на гледалиштето и стручната оценка и претставувал печат и одлика на сериозни и моќни продукциски куќи, каква што се разбира е и МРТВ. Во услови на силниот технолошки подем и глобалниот нетворк, овој производствено културен сегмент силно се демократизира. Но од друга страна е под силно влијание на репродукциската информативна компонента и на некој начин почнува да ги губи креативноста визуелноста, примарните одлики на жанрот, и силно да се доближува и претопува во ТВ-журналот.
Основната намера и цел на продукцијата на креативен документарен филм во рамките на МРТ е најпрвин да го детектира и анимира креативниот потенцијал во нашата земја и низ професионален продукциски третман да подготвува и реализира квалитетни документарни проекти, според високи европски и светски критериуми, и правилно да ги експлоатира претставувајќи ги пред гледалиштето во земјата и пошироко, на респектабилните светски фестивали и глобалниот броткаст.
Кадровска поставеност
Продукцијата за креативен документарен филм би се состоела од:
1. Продуцент – креативен уредник
2. Извршен продуцент – организација
Сите други кадровски потреби би се решавале според динамиката на производствено-продукциските потреби. Професионално стручно тело – би се формирало според потребите, еднаш-двапати годишно, со задача за селекција и верификација на документарните проекти. Во него, освен креативниот продуцент, би учествувале потврдени автори во документарниот жанр, кои воедно би биле и рецензенти во претпродукцијата.
– Селекција на теми, сценарија и автори;
– Избор и формирање производствени екипи;
– Реализација на документарни проекти /продукција и постпродукција/;
– Пиар – медиумска кампања и пласман и експлоатација.
Сите фази ќе се одвиваат во рамките на универзалните критериуми и професионално, со цел да се добие квалитетен и траен производ, со високи естетски квалитети, со што ќе се разликува од ТВ-журналот, ќе се експлоатира долгорочно (неограничено) и ќе остане трајно сведоштво.
Дел на кинематографското културно историско наследство.
Тематски интересот на овој дел од нашата продукција би се движел во насока на стандардните документарни жанровски преокупации.
Универзални етички и емоционални теми и содржини, културно-историско наследство, низ занаетски силен и прецизен авторски третман, би се насочил во сферата на мултикултурата и заедничкото живеење, екологијата, како универзален тренд.
Нашата земја и Балканот со изобилство специфики, подземни архиви и локалитети, социолошко-религиски феномени, се непресушен извор за квалитетна документаристика.
Динамика на производство
Од дванаесет до петнаесет документарни проекти (годишно) според искуствата се оптималниот обем на овој жанр, имајќи ги предвид сите фази на продукција. Над оваа бројка, според сознанијата и светските искуства, постои опасност од т.н. задушување. Секој проект во просек би имал еден месец при експлоатација, што подразбира медиумска кампања и поддршка, време на коментар и оценка (естетска наслада) во гледалиштето.
Соработка со високообразовни институции (ФДУ) и вклучување млади и образовани кадри во овој и другите делови од продукцијата (особено во играната) се важен чекор во долгорочното осмислување на продукциската компонента во МРТВ. Младите автори и идните професионалци, освен што ќе добијат шанса да работат во професионални услови, во перспектива како природен пат од универзитетот кон професионализмот, ќе го освојуваат жанрот и ќе стекнуваат неопходно искуство и во перспектива ќе станат продолжение и достојна замена во овој благороден жанр.
Соработка со европската документарна мрежа и специјализирани документарни ТВ-канали – за промоција и пласман на овој културен творечки производ пред светот.
Ова е уште еден од модалитетите на активна трансформација, кој би се однесувал на другите продукциски сегменти во МРТВ. Јавниот повик останува да важи на неопределено време.


































