Во Швајцарија започнаа трилатералните разговори меѓу Иран, САД и медијаторите Пакситан и Катар за постигнување траен договор за прекин на војната.
Разговорите се одржуваат во хотел во планинското село Обирген во централна Швајцарија. Во американскиот тим се потпретседателот Џ.Д. Венс, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, додека Иран го претставуваат претседателот на парламентот Мохамед Багер Калибаф, министерот за надворешни работи Абас Арагчи и претставници на централната банка и нафтени компании.
Американската страна објави дека разговорите ќе бидат фокусирани на иранската нуклеарна програма, а Техеран, пак, соопшти дека во фокусот ќе бидат Либан и замрзнатите ирански средства.
– Главниот фокус на Иран за време на денешните разговори е тековната војна меѓу Израел и Либан – изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи.
Иран инсистира спроведувањето на договорот да започне со дел во кој се повикува на прекин на сите војни, вклучително и меѓу Израел и Хезболах во Либан. Багаеи рече дека САД „не биле во можност или не сакале“ да го принудат Израел да прекине со огнот.
Дополнително ги комплицира работите тоа што ниту Израел ниту Хезболах не се потписници на меморандумот меѓу САД и Иран, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе ги задржи своите сили во јужен Либан сè додека не се отстрани каква било закана за Израел. Хезболах одби да ги запре нападите освен ако Израел не се обврзе да се повлече од Либан.
– Иран пристапува кон разговорите претпазливо, со оглед на неговото минато искуство со нуклеарните разговори со САД, кои беа прекинати двапати во изминатата година од масовни напади врз земјата. Спроведувањето на кој било документ е поважно од неговото потпишување – рече Багаи.
Американците, пак, се фокусирани на запирање на иранската нуклеарна програма, за што Техеран бара да се разговара подоцна во текот на преговорите.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пред денешните разговори во Швајцатија, изјави дека Иран ќе го задржи своето право на нуклеарна програма.
– Она што е сигурно е дека никогаш нема да се откажеме од нашето право да збогатуваме ураниум, а другата страна е принудена да го прифати тоа – рече Пезешкијан.
Меморандумот за разбирање што минатата недела го потпишаа претседателите на САД и на Иран Доналд Трамп и Месуд Пезешкијан, предвидува Техеран да ги намали своите залихи на високо збогатен ураниум, за кои се верува дека се закопани на местата што беа цел на американските напади минатото лето.
Документот му овозможува на Иран слободно да ја продава својата нафта и го отвора патот да користи милијарди долари што моментално се замрзнати.
Но, само неколку дена по потпишувањето на меморандумот, тој беше доведен во прашање бидејќи ескалираа борбите во Либан меѓу Израел и милитантната група Хезболах, поддржана од Иран. Затоа иранската војска објави дека повторно ја затворила Ормуската Теснина, витален воден пат низ кој тече една петтина од светската трговија со нафта и природен гас.
Централната команда на САД го оспори тврдењето на Иран дека повторно го затворила теснецот и соопшти дека американските сили продолжуваат да ја следат ситуацијата за да се осигурат дека сообраќајот продолжува да тече.































