фото: ЕПА

Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати остро предупредување до Белорусија, обвинувајќи го Минск дека преку комуникациска опрема на својата територија им помага на руските сили во изведувањето напади со беспилотни летала врз Украина.

Говорејќи на заедничка прес-конференција во Киев со претседателот на Хондурас, Зеленски изјави дека белоруските власти имаат рок од една недела да ја отстранат спорната опрема. Во спротивно, како што нагласи, Украина ќе преземе сопствени мерки.

Украинскиот лидер го критикуваше белорускиот претседател Александар Лукашенко, оценувајќи дека неговите тврдења оти Белорусија не сака да биде вовлечена во војната не се во согласност со реалната поддршка што, според Киев, Минск ѝ ја обезбедува на Москва.

-Кога Лукашенко вели дека не сака да учествува во војна, треба да биде искрен, барем со својот народ. Не само што тој може да биде вовлечен во војна, туку и целата негова земја може да биде вовлечена во неа поради Русија – изјави Зеленски.

Според него, Русија ја користи белоруската територија уште од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година, при што од територијата на Белорусија биле лансирани ракети кон украински цели.

-Една недела е повеќе од доволно време белоруските власти да ја отстранат спорната опрема. Нашите цивили умираат секој ден поради ова. Ако тој не го стори тоа, ние ќе го сториме – предупреди украинскиот претседател.

Овие изјави се сметаат за едно од најострите јавни предупредувања што Киев ги упатил кон Минск од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Претходно оваа седмица, Зеленски изјави дека Русија продолжува да бара начини за подлабоко вклучување на Белорусија во конфликтот, како дел од поширока стратегија за зголемување на притисокот врз источниот дел на НАТО.

Од своја страна, Лукашенко во вторникот изјави дека Белорусија не претставува воена закана за Украина и упати извинување до Зеленски за претходните остри изјави. Тој наведе дека неговите коментари биле реакција на, како што рече, заканите што доаѓале од украинска страна.

-Доколку Володимир бил навреден од тие зборови, му се извинувам за тие зборови – изјави Лукашенко, нагласувајќи дека Белорусија не бара ескалација на тензиите со соседната земја.