МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА: МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
- Пред една година, на 18 јуни 2025 година, на страниците на култниот и историски најзначаен македонски весник „Нова Македонија“ беше објавен мојот прв авторски текст. Денес, зад тој прв чекор стои обемен, сериозен и стратешки истражувачки потфат, кој прерасна во проект што низ континуирани циклуси ја дешифрира, документира и афирмира македонската културна, историска и духовна матрица
М-р Никола Ристевски
Во ера на дигитална површност, каде што информациите имаат рок на траење од неколку секунди, а колективната меморија е подложена на постојан притисок и ревизија, пишаниот збор во весниците останува една од последните кули на старата тврдина на вистината. Пред една година, на 18 јуни 2025 година, на страниците на култниот и историски најзначаен македонски весник „Нова Македонија“ беше објавен мојот прв авторски текст. Денес, зад тој прв чекор стои обемен, сериозен и стратешки истражувачки потфат, кој прерасна во проект што низ континуирани циклуси ја дешифрира, документира и афирмира македонската културна, историска и духовна матрица. Овој јубилеј за мене не е само професионален успех туку и длабок емотивен и генерациски долг кон заедницата. Имено, судбината и зборот сакаа, по мојот дедо Ристо Гонев, кој со децении бил препознатлив и посветен дописник за „Нова Македонија“ од Свети Николе и Овчеполието, денес да можам да го продолжам тој воспоставен мост. Чувството на одговорност е огромно кога пишувате за истиот весник во кој вашиот предок оставил свој биографски и новинарски белег, сведочејќи за едно друго време, но со иста намера – зачувување на вистината за луѓето и земјата од која потекнуваме. Оваа продолжителност е жив доказ дека генезата на македонската мисла не прекинува, туку само се трансформира низ генерациите.
Успехот на овој едногодишен творечки плоден циклус не е изолиран напор, туку резултат на извонредна соработка со менаџментот и уредничкиот тим на „Нова Македонија“. Во времиња кога печатените медиуми низ светот потклекнуваат пред сензационализмот, раководството на овој весник покажа врвна професионалност, храброст и патриотизам. Препознавајќи ја потребата од навлегување во суштинските, идентитетски и научни слоеви на нашето постоење, тие отстапија сериозен простор за значајни теми, а довербата резултираше со серија фељтони. Во изминатите 365 дена, на страниците на весникот беа објавени многу редови текст, архиви, мапи и анализи, поделени во неколку фељтони:
„Туристичкиот потенцијал на Република Македонија“ (10 продолженија) – овој циклус понуди нова, различна парадигма за развој на културниот и алтернативниот туризам.
Наместо класични разгледници, серијалот се фокусираше на концептот на Македонија како географска целина со неверојатна густина на вредности. Круна на овој труд беше специјалниот обемен подлисток објавен во свеченото издание на весникот за 8 Септември – Дeнот на независноста, кој останува како референтен материјал за менаџмент и маркетинг на туристичкиот потенцијал на Република Македонија.
„Маркетинг и пропаганда“ (10 продолженија) – Превод на изданието на англиски јазик „Marketing and Propaganda“…
„Александар Македонски – Приказна од Пеонија“ (пет продолженија) – според сценариото од документарниот филм и превод на истоимената книга објавена на англиски јазик.
„Од Митровден до Ѓурѓовден“ (22 продолженија) – спомени за македонската борба за слобода и човечки правдини.
Проектот „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“ ја позиционира Македонија како древен епицентар на прастарите цивилизации
Минатото лето започна стожерниот и најбаран проект под наслов „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“, кој без прекин се објавува секоја сабота. Овој фељтон веќе со месеци ја позиционира Македонија не како пасивен објект на балканската историја, туку како древен епицентар на прастарите цивилизации и своја сакрална географија. Преку него, секоја сабота, читателите тргнуваат на патување низ времето, откривајќи дека македонското културно наследство и природни ресурси кријат тајни вредни за светско внимание.
Денес мојот ангажман на страниците на „Нова Македонија“ има прецизно утврдена и динамична структура. Секој понеделник продолжува капиталниот серијал „Од Ѓурѓовден до Митровден“, каде што фокусот останува на спомените за македонската борба за слобода. Секоја втора среда (наизменично) ги објавуваме фељтоните „Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници“, од кој веќе се објавени 17 продолженија, и „За овчеполските работи“ – длабока, регионална хроника на Овчеполието и промоција на туристичките атракции во општината Свети Николе и соседните општини.
Оваа книжевна авантура низ страниците на „Нова Македонија“ претставува обемен книжевен и научно-популарен потфат, чија крајна цел е трајно кодирање на македонското знаење. Просторот на страниците на „Нова Македонија“ послужи како извонредна платформа за собирање, проверка и презентација на материјалите, кои поради својата вредност веќе ја бараат својата потрајна форма, а во овој формат се одлични и за физички изложби. Како природен континуитет и круна на оваа едногодишна работа, со задоволство ја најавувам подготовката на неколку нови книги и монографии, кои ќе ги обединат, дополнат и илустрираат текстовите од фељтоните, создавајќи луксузна едиција што ќе им биде оставена во наследство на идните генерации во Македонија, но и преведена за меѓународната јавност. Пишаниот збор е најефективното оружје против заборавот. Затоа, изразувајќи уште еднаш длабока почит кон уредничкиот тим на „Нова Македонија“ за партнерството во оваа мисија, продолжуваме понатаму. Трагите се тука, на македонската земја, а наше е да продолжиме да ги дешифрираме и запишуваме. „Мистична Македонија – музејот под отворено небо“ е отворен за сите што можат да си дозволат да бидат допрени од древната и вечна македонска убавина. Читајте ме секој понеделник, среда и сабота!
П.С. Утре е најдолгиот ден во годината, летната долгоденица, која заедно со зимската краткоденица, пролетната и есенската рамноденица биле четирите најважни маркери во годината за многу стари народи. Сонцето и неговото „движење“ на небескиот свод претставувале инспирација за сите древни цивилизации. Македонскиот симбол, кој според некои истражувачи во верзијата со 16 зраци може да се гледа и како две сонца, поголемо и помало што доаѓа од заднината – и двете со по осум зраци, заедно со античките списи што пренесуваат дека Пајонците имале поворки во кои го славеле сонцето, на чиј почеток се носел голем сончев диск од чисто самородно злато, поставен на голем стап, односно жезол, сведочат за прастари почитувања на животворната сила на сонцето на ова македонско поднебје.
Четири моќни тврдини: Од Скопје кон Источна Македонија
Почитувани читатели на „Нова Македонија“, со големо задоволство ви соопштуваме една новина. Отсега, секоја сабота во нашиот фељтон „Мистична Македонија“ ќе објавуваме по еден предлог за патување низ Македонија – итинерар. Наша цел е директно да ви понудиме готови планови за патување, читајте нè секоја сабота и искористете ги овие предлози за да го испланирате вашето следно патување низ прекрасната Македонија.
Патеката на тврдините во Источна Македонија претставува одлична можност да излезете од секојдневието и директно да се запознаете со стратешкото и военото минато на нашата земја. Изборот на локации овозможува квалитетно исполнето време и одлично викенд-искуство. Во текот на еден викенд имате сосема доволно време за да ги посетите овие четири града, да застанете на огромните стари тврдини и да уживате во прекрасните пејзажи.
Ова се четирите тврдини што ви ги предлагаме: Скопско Кале – Виничко Кале – Штипски Исар – Струмичка тврдина (Цареви Кули). За сите веќе имаме споменато во претходни продолженија од „Мистична Македонија“, кои се достапни во големата архива на нашата веб-страница.
Следната сабота следуваат уште тврдини, по што ќе ви посочиме многу стари локалитети, читајте нè!
(продолжува)


































