Во Галерија Рудиќ на 22 јуни (недела) со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Моменти против времето“, на која ќе бидат претставени дела од осум фотографи од Хрватска.
Поставката опфаќа 32 црно-бели фотографии создадени под менторство на уметничкиот фотограф Станко Абаџиќ. Изложбата го оживува духот на фотографската уметност од времето пред дигиталната ера, ставајќи акцент на класичниот фотографски израз, играта на светлина и сенка и креативното толкување на реалноста.
Фотографиите носат мотиви од секојдневниот живот – луѓе, улици, градови, архитектура и настани – претставени низ безвременска визуелна чувствителност. Авторите преку своите дела истражуваат различни аспекти на урбаното живеење, меморијата и човечката присутност во просторот.
Меѓу учесниците се Јасмина Бауман, која се издвојува со спојот на графичкиот дизајн и фотографското сликарство, Ален Чабриќ со своите автентични портрети, како и Иван Чагаљ и Милан Чекиќ, чии фотографии ги бележат уличните случувања и визуелните впечатоци од секојдневието.
Хрвое Филиповиќ се претставува со сцени во суптилни сиви тонови, додека Хрвое Гламузина, Дејан Пејиќ и Божидар Краљ низ своите дела ги истражуваат урбаните паралели и односот меѓу геометријата на просторот и човечката присутност.
Изложбата има за цел да ја поттикне меморијата и да покаже како секој фотографски миг може да прерасне во универзална приказна што го надминува времето.










































