Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен акт против 25-годишен жител на Старо Нагоричане, осомничен за четири убиства и два обиди за убиство извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година.
Според Обвинителството, обвинетиот со умисла одзел живот на четири жени и се обидел да убие уште две. Вештачењата покажале дека делата ги извршувал од ниски побуди, односно со намера да ги задоволи своите полови нагони кон телата на жртвите.
Првото убиство се случило во ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, каде обвинетиот влегол во домот на повозрасна и немоќна жена и ја усмртил додека спиела. Во периодот меѓу 5 и 7 јуни 2025 година, на сличен начин била убиена уште една жена во селото Драгоманце.
На 22 јули 2025 година во Челопек се обидел да нападне жена, но таа успеала да го исплаши повикувајќи го својот син, по што осомничениот избегал.
Во јануари 2026 година, во Старо Нагоричане, тој усмртил уште една жена, а во февруари истата година во Челопек одзел живот на уште една повозрасна жртва. Последниот напад бил регистриран на 9 февруари 2026 година, кога се обидел да убие жена, но се повлекол откако слушнал звук што го вознемирил.
За делата што му се ставаат на товар му се заканува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор. Обвинителството побарало продолжување на мерката притвор.




































