Во Берлин, Германија
На годинешниот Меѓународен училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај, кој се одржува Берлин, Германија, учениците скопското ООУ „Лазо Трповски“ се закитија со специјална награда од стручното жири за проектот „Нашето патување на Јупитер“.

Станува збор за екипен натпревар во кој може да учествуваат група ученици или целa паралелка, наменет за деца од трето и четврто одделение. Зададената тема од организаторот годинава беше „Лет до планетата Јупитер“. Македонија и своето училиште ги претставија 22 ученика од 4-а одделение од „Лазо Трповски“, подготвени од нивните наставници Ирена Грегориќ и Стефан Симовски.
– Времетраењето на изработка на нашиот проект беше нешто повеќе од еден месец. Целта беше да покажеме дека со помош на конструирање соодветна ракета можно е да стигнеме на Јупитер. За таа цел учениците конструираа модел на ракета и автентичен модел на Сончевиот Систем – објаснува наставникот Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик.
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник АД“ и концернот ЕАДС.
Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот „Ербас“. Ф.Д.


































